ЕУ го продолжи „Брегзит“ до 31 октомври

Водечките луѓе од Европската Унија дадоа зелено светло за ново шестмесечно продолжување на „Брегзит“ по петчасовните разговори синоќа во Брисел.

Новиот рок за излез на Велика Британија од ЕУ е 31 октомври, со што беше отстранета опасноста дека земјата ќе излезе без постигнат договор со Унијата во петок.

„Пораката за нашите британски пријатели е – ве молиме, немојте залудно да го потрошите ова време“, рече претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск.

Британската премиерка, Тереза Меј, која побара кратко одлагање на „Брегзит“ изјави дека Велика Британија и понатаму ќе се залага за што побрзо излегување од ЕУ. Сепак шестмесечниот продолжен рок значи дека Велика Британија ќе мора да распише Европски избори во мај, или да ја напушти Унијата на 1-ви јуни без постигнат договор.