ЕУ бара укинување на роамингот и за земјите од Западен Балкан

Европска комисија најави дека ќе побара зелено светло од Совет на Европската Унија за отпочнување преговори со земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот при патување во ЕУ.

Иницијативата се однесува на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, со цел граѓаните и компаниите од овие држави да можат да користат телефонски повици, СМС-пораки и мобилен интернет по цени како во матичните земји. Предлогот е дел од Планот за раст на Западен Балкан од 2023 година и претставува чекор кон постепена економска интеграција на регионот во европскиот единствен пазар уште пред полноправното членство.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос оцени дека укинувањето на роамингот ќе го олесни секојдневието на граѓаните, особено во одржувањето контакти со семејствата и деловните партнери. Извршната потпретседателка за технолошки суверенитет Хена Виркунен посочи дека мерката е значаен исчекор кон поврзување на регионот со дигиталниот и економскиот простор на Унијата.

Македонија веќе започна процес на усогласување на своето законодавство со европските правила за роаминг. Сепак, за целосна примена ќе биде неопходно да се покаже институционален и технички капацитет за спроведување на европското право. Преговорите ќе се водат поединечно со секоја земја, во зависност од степенот на подготвеност и усогласеност со регулативите на ЕУ.

Фото: Freepik