„Етнологот како писател: писателот како етнолог“ – младите ги оживеаја приказните „нагризани“ од времето

„Авторка сум на расказот „Плетенка“. Материјалот е кратка вињета –  извадок од интервју со жена од мариовскиот крај која се потсетува на животот за време на Втората светска војна. Таа не само што е сведок на едно воено време, туку и главен посредник меѓу партизаните и бешот (н.з војсководецот )дедо Трајко во тој период – нејзината коса била толку густа што во нејзината плетенка криеле важни писма која таа без да знае ги носела по битолско-прилепските села“, вели студентката Моника Матовска, чиј расказ е дел од збирката „Етнологот како писател, писателот како етнолог“.

Збирката е резултат од серијата работилници од летниот семестар во 2020, соработка помеѓу две институции, Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет и Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.

Работилниците кои започнале како иницијатива на професорката Илина Јакимовска и во соработка со професорката Јасна Котеска, понудиле предавања на искусни писатели, преведувачи и теоретичари, додека се обработувале врските  помеѓу документарното и книжевното, автобиографиите и автофикциите и границите на стварноста во дела на македонски и странски автори.

„Учесници беа 35 студенти од различни катедри на двата факултета. Студентите се информираа за методите на различните дисциплини – што работат книжевниците, а што етнолозите и антрополозите. Потоа тие добија конкретна задача – од дваесетина понудени оригинални архивски материјали (теренски интервјуа) да одберат еден врз основа на кој ќе пишуваат свое дело“, истакна професорката Јакимовска.

Студентката Матовска, својата задача како филолог ја препознала во тоа да не дозволи некоја од приказните да биде заборавена од времето.

„Чувствував потреба во текстот да внесам елементи кои во одреден период од животот биле во мое блиско опкружување (локацијата, ликовите и сл.) Сметав дека на тој начин ќе успеам да го доближат соговорникот од интервјуто со протагонистот од расказот и покрај тоа што тоа можеби на почетокот делува едноставно бидејќи сепак станува збор за иста личност. А токму тоа беше најкомплицираното – во расказот не смеев да дозволам да го изоставам духот кој го поседува хероината надвор од неговите рамки“, вели Матовска.

Збирката „Етнологот како писател: писателот како етнолог“содржи 25 книжевно-етнографски дела и нема жанровски ограничувања. Се состои од прозни и поетски дела, но и експериментални, како лажни патеписи, стрипови и фиктивни мемоари, епистоларни дела кои посочуваат на границите помеѓу фактот и фикцијата, помеѓу книжевноста и етнологијата, помеѓу документарната вредност на етнолошкиот теренски материјал и литературната фантазија.

„Студентите го „преработија” етнолошкиот материјал до свое книжевно дело, одбирајќи го жанрот, медиумот, должината на текстот како и пристапот кон архивскиот материјал. Дванаесетте архивски материјали опфаќаа богати записи за животот во Македонија, од животната сторија на првата рибарка од Охрид, или дервишката од Прилепско, преку најстариот жив новинар од СФРЈ, потоа етнолошките записи за музичките бендови и рокенролот во Крива Паланка од времето на југословенската федерација, родовите, брачните и семејните односи некогаш и денес, спомените од двете светски војни, печалбарството, генерациските прашања, традиционалните и современите вредности, еманципацијата на поствоените генерации и АФЖ, животната сторија на Чекуш од Охрид, прашањето на трансродовоста“, вели професорката Котеска.

Ѓоко Здравески и Илина Јакимовска со студентите

Ваквиот проект целел кон меѓусебно запознавање на студентите од УКИМ, но и кон испитување на  флуидната граница помеѓу фиктивното и документарното – дали животна сторија раскажана во прво лице може да се третира како „доказ“, и обратно, дали уметничко дело може да биде документ за едно време.

„Етнографскиот метод во книжевноста е одамна прифатен и масовно практикуван (дури и кога авторот не е сосема свесен за истото), но во етнологијата и антропологијата како науки и на светско ниво уште има отпор и страв дека отварањето на границите помеѓу книжевноста и овие дисциплини би можело да ја разводни „научноста“. Според мене ова е залуден отпор, и неоснован страв, бидејќи реалноста на нашите „субјекти“ – соговорници, по дефиниција се состои од мали и големи вистини, исто колку и од мали и големи лаги“, нагласува професорката Јакимовска.

Јасна Котеска

Според Матовска, важно е студентите да сфатат дека  студирањето не подразбира само следење на тековните семестрални предмети и жаргонски кажано „чистење“ на испитите. За неа, ваквиот пристап дозволува осознавање на нови информации и создавање на нешто ново со досегашното знаење.

„Отсекогаш сум мислела дека приказната на писателот, макар и сосема измислена, таму некаде на другата страна на светот, постои личност која навистина ја живее. Со оваа книга тоа ми се потврди“, додава Матовска.

„Еден куриозитет поврзан со проектот е дека работилницата одржана на ПМФ во април 2019 година ја снимаше германскиот режисер Томас Јозеф Рот од франкфуртската школа за документарен филм, кој во Скопје престојуваше за да го снима документарниот филм „Сорен Кјеркегор во 21 век“. На тој начин, нашиот проект се прелеа и во трет медиум, тој на документарниот филм“, додаде професорката Котеска.

Промоцијата на збирката „Етнологот како писател, писателот како етнолог“ е планирана да се одржи во септември на ткаени черги во градскиот парк во Скопје, со одржување на физичка дистанца и носење на  маски со етно мотиви. Истовремено, збирката е достапна онлајн.

Ивана Смилевска