Етапно воведување на протоколи во новата учебна година, предлага Комисијата за заразни болести

Членови на Комисијата за заразни болести утрово за време на нивниот редовен состанок се сретнаа со неколку претставници на Сојузот на средношолци, презентирајќи им извештаи со деталната состојба од Ковид-19 во земјата.

На состанокот, претставниците на Сојузот на средношколците ги претставиле нивните барања, за кои од Комисијата велат дека веќе најголем дел од нив се во план да се остварат за почеток на учебната година.

„Она што беше пред сѐ предмет на дискусија е периодот на имплементација на одредени протоколи, за кои Комисијата инсистира да бидат имплементирани етапно, согласно епдидемиолошката состојба во земјата“, информираат од Министерството за здравство.

На состанокот двете страни се согласиле да продолжат со комуникацијата, со цел добра организација и имплементација на мерките за спроведувањето на наставата во претстојната учебна година.

Од Сојузот на средношколци бараат комбинирано или хибридно учење, наместо целосна онлајн настава.

Покрај ова, тие бараат училиштата да создаваат групи ученици што ќе одат на училиште и други преку интернет. Ротацијата на групите да се прави на секои два дена. Исто така, секоја општина и секое училиште да одлучува за најдобар и најбезбеден начин за посетување на часови.

„Во стручните училишта, праксата треба да се изврши со физичко присуство, почитувајќи ги заштитните мерки. Да се почитуваат мерките за здравствена хигиена со обезбедување на соодветни средства, вклучително сапун, рачни санитатори со најмалку 60% алкохол, тоалетна хартија и хигиенска хартија за дезинфекција. Училиштата треба да се вратат во режимот за учење од далечина во случај кога различни групи или 5% од персоналот и учениците ќе излезат позитивни во 14 дена“, гласат дел од барањата на Сојузот.

Тие најавија и протест за 31 август (понеделник) кој ќе започне пред Министерството за образование и наука, а ќе заврши пред Влада, каде ќе ги повторат нивните барања.