Естонија претседава со ЕУ со автобуси без возачи

Властите во Естонија соопштиле дека не биле пријавени „никакви поголеми инциденти“ по три дена откако се пуштени во употреба автономните автобуси, кои се управуваат без возач, во главниот град Талин.

Два автобуси возат на патот низ градот, како дел од претседателствувањето со Европската Унија на оваа балтичка држава и засега не дошло до судир со останатите учесници во сообраќајот, информира јавниот сервис ЕРР, пренесува ББЦ.

Сепак, од пуштањето во употреба во саботата, во неколку наврати за малку бил избегнат судир. Очевидци изјавиле дека еден од автобусите не овозможувал пат за полициско возило со вклучена сирена, додека фотографот на ЕРР забележал како еден од овие автобуси поминува на црвено светло на пешачки премин на изненадување на луѓето наоколу.

Иако никој не ги управува автобусите, според сообраќајните закони во земјата мора да има одговорна личност во возилото, па сите патници се пречекани од лице-домаќин. Нивната задача е да ја објаснат технологијата на патниците кои не се запознаени со автономните возила.

Автобусите сообраќаат во центарот на градот до Културикател, поранешен резервоар за вода, претворен во креативен центар кој ќе биде седиште на ЕУ Претседателството следните шест месеци.

Автобусите чинат по 100 илјади евра, финансирани пред се од приватниот сектор. Граѓаните кои сакаат да го испробаат овој превоз тоа можат да го направат до крајот на август.