ЕСРА ќе додели две стипендии во рамки на фестивалот „Анимакс“

Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА ќе додели две стипендии од по 3.000 евра на четвртиот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“, што ќе се одржи од 4 до 6 декември во Кинотеката на Македонија.

За стипендијата може да се пријават сите ученици од четврта година средно образование и со завршено средно образование кои имаат талент за цртање. Заинтересираните треба најдоцна до 4 декември да ги пратат своите лични податоци (име и презиме, возраст и број на телефон) заедно со цртежи во која било техника и на која било тема на мејлот на фестивалот:

contact@animaxmacedonia.mk или animaxmacedonia@gmail.com.

Од пристигнатите апликации ќе бидат избрани шест, кои на 6 декември во просториите на ЕСРА ќе учествуваат на работилница за традиционална 2Д анимација, на која ќе предава Гоце Господиновски.

На најдобрите двајца учесници ќе им бидат доделени стипендиите од по 3.000 евра. За работилницата не е потребно предзнаење, освен поседување талент за цртање.

Работилницата се организира за промоција на анимацијата и за да се поттикне креативниот потенцијал кај младата популација.

„Анимакс Скопје фест“ го организира продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Кинотека на Македонија.