Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје, со кој управува АД ЕСМ.
Од компанијата ги повикуваат сите корисници навремено да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации, бидејќи, како што велат, редовното одржување е нивна обврска.
„Грејната сезона може да започне и порано, односно од 1 октомври, ако прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12˚С или пониско, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи. На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија сè до 15 октомври. Овие информации ќе бидат објавувани согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и врз основа на прогнозите за средна дневна температура на воздухот во Скопје од УХМР. Важно е и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација“, се наведува во соопштението.
Сите потрошувачи, додаваат во ЕСМ, можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина, кој е достапен на овој линк.
За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.