„Есенски музички свечености“ од 2 до 27 ноември

Од 2 до 27 ноември ќе се одржуваат 19. „Есенски музички свечености“ кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Покрај домашни учесници, ќе има и гостувања на музичари од Унгарија, Полска и од Србија.

Покрај концерти на класична музика, годинава програмата е збогатена и со настапи од фолклорот, по повод стогодишнината од раѓањето на Никола Бадев.

Фестивалот ќе биде отворен во петок во Македонската опера и балет со изведба на балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски во кореографија на Украинецот Виктор Јеремко и под диригентство на Бисера Чадловска.

На 10 и 11 ноември се концертите на музичарите од Унгарија и Полска кои ќе се одржат во Филхармонијата. На 10-ти  е концертот на познатиот унгарски пијанист Јожеф Балог кој се организира во соработка со Амбасадата на Унгарија. На програмата се дела од Барток, Лист и Волф.

Наредниот ден, 11 ноември, е по повод независноста на Полска и ќе настапат млади музичари од таа земја – виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик, заедно со македонскиот кларинетист Ристе Ѓоревски.

Гостински учесници на „Есенските музички свечености“ се и музичарите од камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија, кои на 16 ноември ќе настапат во Музеј на Град Скопје.

На фестивалската програма се и оперската претстава „Марија Калас – час“ (4 ноември), концертот на триото „Интерарт“ (16 ноември), концертната промоција на цедето „Звуците на трските – опера трио“ на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски  (22 ноември) и концерт на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановска  со кој на 27 ноември ќе завршат 19. „Есенски музички свечености“.