„Есенција на егзистенцијата“ на 25 македонски современи уметници во „Мала станица“

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 29 декември 2015 (вторник) во 20.30 часот ќе се отвори изложбата „Есенција на егзистенцијата“ на која ќе се претстават 25 македонски современи уметници.

Истата изложба во јуни 2015 година беше отворена во галеријата „Лауба“ во Загреб каде имаше огромен интерес од публиката и стручната јавност, а за следната година пoстои интерес изложбата да патува и во други галерии и музеи од регионот.

„Есенција на егзистенцијата“ е уметнички концепт кој се обраќа кон разни сфери од секојдневието, од животот, постоењето, перцепции кои од различен аспект приоѓаат кон суштината на ентитетот, на опстојувањето, на функционирањето. Тука се опфатени генезата на љубовта, духовноста, храната, a под овој дискурс се пронаоѓаат и инстанците на достоинството, идеологијата, политиката, социјалата.

Куратори на изложбата се Ана Франговска, Маја Чанкуловска Михајловска и Горанчо Ѓорѓиевски.