[Eсеј] Слободата е како светлина и без неа би потонале во бездната на темнината

Борбата за слобода е тежок процес кој трае цел живот. Меѓутоа, во таа борба ние не треба да научиме само како да се разбираме со другите, туку, и како да се справиме со самите себеси. Оној човек кој што ќе успее да ја добие таа борба не само што ја добива слободата, туку добива и една од најголемите лекции за животот. А животот е една голема брканица во која ако не научиме како да бидеме мачор, засекогаш ќе останеме беспомошен глушец осуден на доживотно бегство.

1173678_367108786752869_521345544_n

Честопати сите ние, на различни начини, се обидуваме да ја избегнеме одговорноста за сопствените проблеми. Бараме решение и помош од другите притоа не сакајќи да ја прифатиме одговорноста за сопствениот избор. Тежнееме кон барање виновник само затоа што така си ја намалуваме вината за нашиот погрешен избор. Исто така, многупати се жалиме дека немаме време да ги завршиме обврските. Не сакаме да прифатиме дека нашето време е наша одговорност. Така, на пример, кога на телевизија гледаме некој филм кој што не ни се допаѓа, ние најчесто го критикуваме наместо да го смениме каналот. Или пак, ако се одлучиме да студираме, потоа ги обвинуваме професорите затоа што не можеме да најдеме слободно време. Доколку немаме доволно време за нашите пријатели или пак, за семејството, ние сме виновни за тоа.

Нашата напорна работа не е товар што ни го наметнуваат судбината, професорите или пак, лошиот шеф на работа, туку, сопствениот избор и нашата листа на приоритети. Се додека сме огорчени кон луѓето гледајќи како тие си наоѓаат време за се, всушност ние си го погазуваме сопствениот избор. Додека не си признаеме дека не бегаме од одговорноста, туку од слободата, секогаш ќе сме во некаква брканица, со проблеми и со постојани главоболки. Проблемот не го решаваме ако некому му речеме: „Ти си виновен”, или пак:  „Тоа не е мој проблем”. Проблемот може да го решиме само ако си речеме: „Ова е само мој проблем, резултат од мојот слободен избор и сето ова сам ќе го решам”.

Меѓутоа, повеќето се плашат од болката, па се лажат себеси, а  лагата е најсурова кога се лажеме самите себеси. Сепак, слободата носи големи одговорности кои треба да ги прифатиме, за да можеме правилно да постапиме. Колку побргу ја прифатиме реалноста, толку побргу ќе можеме да се справиме со нашето бегство. Да се спознае погрешното како погрешно е единствениот начин да останеме на страната на реалноста. Кога ќе сме способни цврсто да застанеме на свои нозе и да дејствуваме слободно, треба да знаеме како да се ослободиме од нашиот егоизам. Секој од нас би требало да направи мапа на својот живот, за сето она што сака да го постигне самостојно.

Сепак, со текот на времето мапата ќе претрпува измени, а ние тоа треба да го прифатиме, затоа што слободното дејствување не значи дека се низ животот  треба да правиме сами.  Човекот има потреба од друг човек за да преживее. Не треба да дозволиме слободата да нѐ направи заробеник на осаменоста. Целокупноста во животот на возрасните е во личниот избор и одлуките  Доколку го прифатиме ова, ние стануваме слободни луѓе, а доколку не успееме, засекогаш остануваме жртва. И покрај тоа што, ова е од голема важност, сепак, повеќето го игнорираат, затоа што патот кон прифаќањето на одговорноста е многу тежок.

Доколку успееме да навлеземе длабоко во себеси, ние ќе допреме до она делче во кое што го криеме бегството, и не само бегството од слобода, туку и, бегството од се што носи болка. Само тогаш ќе сфатиме дека: „Слободата е како светлина. Без неа би потонале во бездната на темнината, би се чувствувале како да живееме во кафез заклучен со катанец, а клучот фрлен на дното од морето”.

Фросина Марковска

Авторката е студентка на филолошки факултет 

Програмата „Млади промотори на слобода на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултуимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови. Повеќе информации за активностите во проектот може да добиете на http://www.mof.mk/izrazise/

Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.