[Есеј] Сестро, за мене две единици слобода!

Многумина мислат дека имаат право на избор, но колку е всушност така? Не ги избираме нашите родители, во кое место ќе се родиме, кои луѓе ќе бидат во нашето опкружуваме. Дури немаме избор и за нашиот карактер и како ќе изгледаме, се е предодредено со гени.

Сестро, за мене две единици слобода!

Тогаш вреди да се запрашаме: во што се состои нашата слобода? Дали во слободата да искажеш љубов јавно? Многумина веднаш ќе си помислат: да, можам слободно да шетам низ мојот град со мојот дечко или мојата девојка.

Освен ако си геј/лезбејка и си свесен дека не си слободен.

Не сме слободни јавно да ги искажеме нашите чувства. Се криеме, кој од страв поради губење работно место или дом, кој од срам за нешто што немал слобода на избор. Да имав право на избор, ќе изберев да се родам во европска полиберална држава. Но, немам…

Се родив овде, во Македонија, далеку од либералниот начин на живеење. Околу мене луѓето се полни со омраза и предрасуди, со комплекси на висока вредност кои мислат дека имаат право да одлучат кој е достоен за живот а кој не. Да имав слобода на избор, ќе изберев да живеам помеѓу луѓе кои ги почитуваат разликите. Во такво општество вреди да ја инвестираш својата иднина. Затоа што ниту еден тинејџер не заслужува да минува низ срам, депресија и анксиозност поради омразата на другите. Сестро, општеството е во критична состојба.

Две единици слобода за сите, те молам.

Виножиткасто Дете