[Есеј] Кога јазикот е побрз од умот, зборот е смртоносен куршум

Еве го! Повторно го искористи своето најмоќно оружје за да пука. Од неговата уста со молскавична брзина повторно излезе натрапникот – лошиот збор. Овој неканет гостин секогаш успева да ѝ продре длабоко под кожата. Куршумов секогаш ја погодува многу силно и ѝ остава рани за чие лечење не учел ниеден лекар. Ѝ доаѓа како гром од ведро небо, не сака да поверува на сопствените уши, не сака да е вистина. Повторно ја боли… ја здоболе многу силно исто како и минатиот пат. Ова не е првпат, тој во неа често пука со вакви куршуми, но секој од нив си наоѓа свое местенце и си се врежува во неа.  

А не дека лузните од ваквото насилство ги има само таа. Мал или голем, сиромав или богат, никој не е доволно способен да остане рамнодушен на лошиот збор. Вистински проклетник кој прави да се чувствуваш бедно, и во еден миг почнува да ти се гади. Е, во тие мигови, жртвите се справуваат различно со оние кои ги нападнале.

Едни го возвраќаат ударот на ист начин, па и самите тие излегуваат на воено боиште користејќи го истото оружје. И тогаш…тогаш настанува војна. Пукаат, па на секоја страна летаат куршуми – кој од кој побрз. Пукотници, викотници…сè се испреплетува, а самите тие луѓе се претвораат во пајаци што градат мрежа, чиј излез тешко го наоѓаат. Впрочем, некои од нив и немаат желба да излезат, важно им е само да бидат погласни од противникот.

Другите возвраќаат малку поразлично. Ним не им е дојдено до натпревар со нивните гласни жици, овие војници се речиси бесшумни. Да, војници се  зашто и тие војуваат, ама и бесшумни се, зашто другите тоа не можат да го видат. Тие се борат самите со себе и во себе. Пред другите демонстрираат молк, но вистинската публика е самотијата. Само таа е сведок на внатрешниот порив за викање, само таа го има доказот дека некој испуштил крик, ем од бес, ем од тага.

Луѓето си искажуваат љубов, се колнат на верност – во секое време, насекаде на светот. Во истиот тој момент, но на сосема друг крај…верувајте дека постојат и други кои се љубеле, а сега веќе тоа стивнува. Некој избувнал, па навредил. Друг се повредил од тоа, па го возвратил  ударот.

Говорот настанал со цел луѓето полесно да се разберат, но понекогаш се чини дека целта не е постигната. Можеш да симнуваш ѕвезди колку сакаш, можеш да го претвориш туѓиот стомак во небесна шир каде што ќе летаат безброј пеперутки, можеш да ја измамиш најслатката насмевка на туѓото лице, ама не заборавај дека  можеш и да проговориш. Ако ја отвориш устата, можеш и да згрешиш, внимавај што ќе излезе од неа. Може и мед да ти тече, но ако пукнеш еднаш, веќе ништо  нема да биде исто.

Навредливиот збор и високиот  тон на гласот се злобници кои те претвораат во ѕвер и создаваат сомнеж за твојата љубов. Во моментите кога те надвладува бесот и сосема забораваш што значи самоконтрола си создаваш простор за да мразиш и го манифестираш гневот. Но… овде не завршува сѐ. Тогаш на сцената за главната улога се борат рамнодушноста и омразата кај оној на кој му се создадени раните. Еден, два или стотици погрешни зборови кажани во кое било време претставуваат убијци. Не е важно која натпреварувачка ќе победи – дали едната или другата, важно е дека со сигурност ќе има жртва. Ќе го испушти и последниот здив она кое било градено со труд, со внимание и почит. Она кое правело некој да се чувствува како да гази на облаци и да лебдее над земјата, лесно може да се закопа под неа… да се втрие во неа исто како и лузните на срцето.

И да, кога јазикот е побрз од умот, блиските стануваат странци, минатото останува само убав спомен, а сегашноста се претвора во горчлива иднина која и пече и гризе. Залудно е она во кое човек се заколнал… лошото што ќе го изусти е сантата мраз која го потонува бродот со кој среќно пловел со другиот, торнадото коешто го руши заеднички градениот дом, иглата која го прободува срцето… – куршумот кој ја убива љубовта! 

Вања Мицевска 

Авторката е студент по нoвинарство, текстот е напишан во рамки на проектот „Слободен си – изрази се!“ 

Програмата „Млади промотори на слободата на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултуимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови.

Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.