[Есеј] Ајде, љубов, викај!

[Есеј] Ајде, љубов, викај!Зошто во некои моменти се она што ме гуши не можам да го исфрлам од себе? Зошто кога е важно се губам среде тежината на „добро извежбаниот текст”? Паѓам во лавиринти кои дополнително ми го комплицираат животов. Паѓам во сопствените стапици.

Единствените ограничувања се оние кои самите си ги поставуваме. Имам бура од зборови, желби, надежи кои треба да бидат кажани. Тие зборови изреволтирано сакаат да излезат од сите празнини на моето битие. Ви се случило ли да бидете толку лути или толку исполнети што милион реченици ви прелетуваат низ глава? Запрашајте се, колку од тие реченици сте ги споделиле со оној кој ги предизвикал? Не сте единствен, и мојот систем е сосема ист. Милион шанси сум уништила молчејќи. Молкот и тишината понекогаш знаат да бидат сурови непријатели.

Заминувањето, пак, треба да биде тест за да се види кој, кому, колку му значи? Запрашајте се, кога и кому последен пат сте му кажале колку го сакате, од сè срце? Дека проклето ви недостасува. Кому последен пат сте му признале дека без разлика на сè ќе останете со него, без да се грижите за злобниците? Имате ли поминато преку вашето его, за личноста која го прави вашиот свет подобар, за онаа личност која го сочинува вашиот свет? Оној дел без кој не сте комплетни.

Јас не го направив тоа. Само го извадив своето срце, го оставив на маса и се повлеков. Без објаснување. Што ли е зборот пред емоцијата? Што? Има значење? Но луѓето бараат дела, а паѓаат на зборови. Така нè судат. И да објаснам не би ме разбрале… Не го кажав тоа што го чувствував, сомневајќи се во моќта на зборовите. Најчесто непишаните правила се оние што ја ограничуваат личноста, но и слободата. Ситуацијата никогаш не може да биде безизлезна. Работите можат да бидат лоши, онолку колку што ќе им дозволиме. Гордоста нè убива! Секогаш постои несигурност кога се работи за „соголување“ на себеси.

Си велиме, ќе се утешам – подобро да молчам и да страдам, отколку да зборувам, па да плаќам.

Но, не е така. Треба да создадеме свет во кој е дозволено да се зборува и да се бори за среќата. Зашто сите заслужуваме да бидеме среќни или барем да се бориме за неа. Кој знае, можеби ќе бидеме среќни до крајот на животот. Ако биде спротивно, ќе знаеме, дека сепак, сме се обиделе да направиме промена и дека сме се бореле за среќата.

А мене, потребен ми е само уште еден момент. Ќе го искористам овој, па што сака нека биде… Ми недостигаш толку многу што би ги поднела твојата лутина, тврдоглавост, па и твоето викање. Ајде, љубов, викај! … Врескај, кажи сè што имаш да кажеш, само, те молам, не молчи, тоа ме убива.

Кристина Блажевска 

(авторкатa е средношколка)

Програмата „Млади промотори на слобода на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултуимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови. Повеќе информации за активностите во проектот може да добиете тука.

Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.