ЕСЕ: За 8 Март, наместо подарок посакуваме свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ укажува на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостатокот на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во македонското општество.

За 8 Март, велат тие, наместо честитки и подароци, ѝ препорачуваат на Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и надминување на проблемите со кои се соочуваат жените.

„Иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата сè уште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се разводот на бракот, старателството, издршката врз децата, делбата на имотот итн,“, се вели во нивната реакција.

За искуството со семејното насилство и колку е потребна правната помош за решавањето на проблемите сведочат три жени кои се обратиле во Центарот за правна помош при ЕСЕ.

Оттаму забележуваат дека отежната комуникација со институциите дополнително ја влошува состојбата на жените кои секојдневно зад затворените врати на домот трпат навреди, омаловажувања, вербални и физички напади, неодобрени сексуални односи, забрана за пристап до пари.

„Дури 70% од жените што претрпеле семејно насилство не се информирани за можноста за користење на бесплатна правна помош во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и постапката за развод на брак, додека 55% од нив не се задоволни од обезбедената стручна помош од ЦСР и Министерството за правда.

Здружението ЕСЕ веќе 20 години обезбедува правна помош за жените кои претрпеле семејно насилство и ги охрабрува да го пријават насилството и побараат помош и поддршка.

Покрај ова, од здружението алармираат и за ограничениот пристапот до пазарот на труд и невработеноста за жените. Дури 524 илјади жени од вкупниот број на работоспособни жени (842 илјади) се невработени или пак неактивни учесници на пазарот на труд.

„Најголем број на невработените жени се на возраст од 15 до 29 години и имаат комплетирано средно образование. Жените и во 2022 година се повеќе ангажирани во спроведување на неплатена работа во рамки на домаќинствата (нега, помош, итн.) или во производство на производи за сопствена употреба во споредба со мажите (88%) или пак во обезбедување на здравствена и социјална заштита (78%)“, наведуваат од ЕСЕ.

Но, присутен е и проблемот за ограничен пристап до основните здравствени услуги за женското здравје. Имено, во 2022 година речиси половина од жените во Северна Македонија немаат избрано матичен гинеколог поради тоа што во државата недостасуваат 130 матични гинеколози на примарно ниво, а во 40 општини нема ниту еден матичен гинеколог, посочуваат од ЕСЕ.

„Во Македонија сè уште не се спроведува организиран скрининг за рак на грлото на матката и рак на дојката, двете најчести малигни заболувања на женските репродуктивни органи. Имено, во 2020 година само 5,6% од жените биле опфатени со скрининг на рак на грлото на матката, додека со скрининг на рак на дојка се опфатени поразителни 0,3% од жените на возраст од 50 до 69 години. Поради тоа секоја година животите ги губат 300 жени од рак на дојката и 40 жени од рак на грлото на матката. Животи кои можат да бидат спасени со спроведување на доследни скрининг програми“, реагираат од здружението.

Меѓународниот ден на жената, 8 Март оваа година се одбележува под мотото „СкршиЈаПристрасноста“.