ЕСЕ: Конфузни информации и нетранспарентност при собирањето средства за справување со пандемијата

Процесите на прибирање и трошење средствата наменети за справување со пандемијата на Ковид -19 се нетранспарентни, а малкуте достапни информации се конфузни, реагираат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на – ЕСЕ.

Во својата анализа ЕСЕ забележува дека во време на вонредна состојба има некоординираност во известувањата на јавноста, разлики во податоците кои се презентираат,  нема информации за резултатите од работењето на јавните институции, особено за начинот на прибирање и трошење на парите на граѓаните од здравствениот сектор. Тие укажуват дека ваквиот пристап дава ексклузивно право на Владата да донесува одлуки и ги утврдува потребите на граѓаните без консултации и предлози.

„Министерството за здравство на три сметки прибира финансиски донации, но нема отчет од каде се обезбедни средствата и како тие се потрошени. Дополнително, министерството прима и материјални донации за кои нема информации кој, во која количина и која вредност ги обезбедил, како и на кој начин тие се дистрибуирани во јавниот систем. Информациите кои се јавно достапни се конфузни, нецелосни и нејасни. На сметката за поддршка за справување со коронавирусот на Министерството за здравство, заклучно до 06 мај 2020 година прибрани се 2.9 милиони евра, а пак според информациите објавени од еден македонски медиум на 08 април 2020 година Министерството за здравство обезбедило 67.7 милиони евра во облик на донации и грантoви“, велат од ЕСЕ.

Појаснуваат дека Владата формираше Фонд за поддршка со цел справување со кризата од Ковид -19 за кој велат нема ниту еден податок како функционира, односно колку средства се прибрани и потрошени.

„Нејасно е дали барањето на финансиска и материјална помош од Владата на РСМ и Министерството за здравство се базира на некоја претходно направена проценка/план на потребите или пак се спроведува врз основа на тековните понудени можности. Вонредната состојба и Владата на РСМ им овозможи на јавните институции самостојно, итно и нетранспарентно да вршат прераспределба на 70% од средствата во нивните буџети. Од 26 март 2020 година јавните институции прават промени во своите буџети без да објават што кратат и за што ги наменуваат скратените стредства“, реагираат од ЕСЕ.

Притоа додаваат дека континуирано се набавуваат големи количини заштитна опрема.

„Во меѓувреме Владата на РСМ добива континуирани донации на вакава опрема од различни донатори, а во државата речиси четвртина од заболените од COVID-19 се здравствени работници и од нив четвртина се заболени во здравствени установи. Овие резултати водат кон повеќе прашања, и тоа: дали Владата на РСМ има направено проценка на потребите за заштитна опрема и дали дистрибуцијата на заштитната опрема одговара на реалните потреби“, велат од ЕСЕ.

Како проблем го наведуваат и континуираното инсистирање за набавка на голема количина на респиратори, за кој додаваат дека е без јасна проценка на националните потреби и трендови. Прашуваат дали потребата од нив е вистинска или пак се создава поле за злоупотреба на државните средства.