ЕСЕ: Државата да обезбеди скрининг за рак на грлото на матката на 80% од жените на возраст од 24 до 60 години

Во Северна Македонија од 2012 година се спроведува Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, меѓутоа и по 10 години спроведување се бележи недоволен опфат на жените со оваа програма, реагираат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените  – ЕСЕ.

Ова, според нив, се должи на повеќе фактори, вклучувајќи го нејзиното недоволно финансирање, несоодветната координација помеѓу различните извршители на Програмата, како и недостигот на соодветен мониторинг за нејзино спроведување. Потсетуваат дека за овој проблем реагираше и Европската комисија.

„Сето тоа резултира со предвремена смртност кај жените, која може да се спречи, бидејќи доколку ракот на грлото на матката се открие навреме, може успешно да се лекува, а со тоа не само да се продолжи животот туку и да се подобри квалитетот на животот на жените кај кои е дијагностицирано ова заболување“, се вели во најновата анализа на здружението насловена „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?

Токму јануари е месец за подигање на свесноста за ракот на грлото на матката. Ракот на грлото на матката претставува четврт најчест карцином помеѓу жените.

Во нивната анализа тие наведуваат дека дијагностицирањето на малигното заболување на грлото на матката има сериозно влијание врз животот и состојбата на жените. Од времето кое го поминуваат за да ги извршат потребните прегледи, третмани и  здравствени контроли за ова заболување, па до примањето на хемотерапија и зрачна терапија.

Покрај ова, одреден дел од жените останале без работа поради нивните чести отсуства од работното место, додека еден дел од жените не се чувствуваат способни да продолжат да работат.

„Не сум сигурна дали ќе можам да продолжам да работам. Јас работам во текстилната индустрија како шивачка и сега не се чувствувам способна да продолжам да работам. Немам доволно години стаж за да побарам инвалидска пензија, така што не знам што ќе правам понатаму“

(Изјава на жена што боледува од рак на грлото на матката).

 

„Мене ме отпуштиле од работа додека бев на боледување, дури и не знам точно кога
ме отпуштиле. Сè уште примам терапија, а потоа не знам како ќе можам да најдам нова
работа “

(Изјава на жена што боледува од рак на грлото на матката).

Долгото време на чекање за дијагностичките прегледи во јавните здравствени установи, пак, приморало дел од жените овие прегледи да ги прават на приватно, односно на свој трошок. Оваа состојба, велат од ЕСЕ, е сериозно финансиско оптоварување за жените и нивните семејства.

Од здружението истакнуваат дека поради тоа што во државата нема соодветно организиран скрининг за рак на грлото на матката само во 2017 година се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, поради предвремена смртност од ова заболување.

„Поради ненавременото дијагностицирање на ова заболување, Фондот за здравствено осигурување годишно троши најмалку 29 милиони денари за лекување на жените каде што карциномот е откриен во напредна фаза. Жените кај кои ова заболување е откриено во напредна фаза годишно трошат најмалку 11 милиони денари, за трошоци кои се поврзани со заболувањето“, забележуваат од ЕСЕ.

Годишните трошоци поврзани со ракот на грлото на матката, од страна на државата и од страна на жените, се проценуваат на минимум 39 милиони денари.

„Бидејќи при подготовката на оваа анализа немавме пристап до сите податоци за трошоците, можеме да констатираме дека реалните годишни трошоци се повисоки од оваа сума“, посочуваат од ЕСЕ.

Оттаму бараат државата да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 % од жените на возраст од 24 до 60 години. За да се постигне бараниот опфат, од ЕСЕ бараат државата за тригодишен период да одвои 168 728 100 денари или во просек 56 242 700 денари годишно за оваа намена.

„Со овие средства и со доследно спроведување на скринингот ќе се спречи предвремената смртност и ќе се унапреди квалитетот на животот помеѓу жените. Воедно ќе се избегнат  трошоците на товар на државата и жените, што се резултат на ненавремено откривање на ова заболување“, велат од ЕСЕ.

Во меѓувреме, Меѓународната агенција за истражување за рак се фокусира на вакцинација против ХПВ, навремено лекување на предраковите промени на грлото на матката и унапредување на опфатот на жените со скрининг. Ова според агенцијата се приоритетие кои влијаат врз намалувањето на оптоварувањето од ракот на грлото на матката на глобално ниво.