„Патем книгата ја читав во основно и уште го паметам чувството – прекрасно – и истата е главната инспирација за оваа изложба – ‘Дон Кихот’. Го зема својот шлем и го става на глава. Во тој момент Дон Кихот се самопрогласува за витез. Се качува на својот коњ и тргнува по измислените мисии. Ете ја инспирацијата!“, се вели во најавата за новата изложба на Ертунч Сали именувана „Сакате ли војна?“, која ќе биде отворена утре (вторник, 30 септември) од 20 часот во Центар-Јадро.
Според најавата, во 2025 година, Ертунч Сали го претвора Центар-Јадро во изложбен салон на цела војска. Со „Сакате ли војна?“, тој превзема улога инспирирана од Дон Кихот: како што Кихот самиот се прогласил за витез, така уметникот се прогласува за диктатор над уметноста.
„Но, оваа диктатура не е насочена кон тиранија, туку кон судир. Судир со јавноста, со пазарните барања, со самиот концепт на културата денес“, стои во најавата.
Исто како што Кихот го зема Санчо Панса за негов придружник, така и уметникот се здружува со седумгодишниот Ведран Трошански и двајцата соработуваат на инсталациите. Со својата пасија кон оригамите која ја претвори во сериозно хоби, Ведран ги изработува сите оригами во форма на борбени авиони и тенкови за диктаторот и тој се вклучува во војната како специјален гостин на диктаторот, поточно малиот оригамист.
„Современиот уметник, како и неговите претходници, од Микеланџело кој ги презирал своите покровители, а сепак создал вечни дела е принуден да се мери според мерилата на дизајнот и пазарот. Сали ја поставува истата дилема денес: Кому му припаѓа културата денес? На уметникот, на јавноста или на оние што плаќаат? Време е да се каже ‘ДОСТА’ и да се образува публиката, која изложбите ги претвора во моден подиум, мебелот во критериум и врти грб на делата за кои е дојдена. Се поставуваат прашања кои остануваат неодговорени. Но, пустиот уметник, не е во можност да создаде решение кога не е побарано од него“, пишува во најавата.
Со над 1500 цртежи и неколку инсталации, уметникот – инспириран од Дон Кихот – се прогласува за „диктатор на уметноста“ и објавува војна против јавните барања.
„Ова не е само изложба, туку драматичен судир меѓу уметноста и нејзината публика. Ова не е лична мисла, туку колективното мислење на креативци“, стои во соопштението.
„Сaкaте ли војна?” ќе биде отворена утре, е ќе може да се види до 8 октомври. Просторот во Центар-Јадро ќе биде отворен секој ден од 18 до 22 часот.
На отворањето, присутните ќе имате можност за купување на каталози штампани со сито техника и доработни рачно во специјален формат, на буклет кој овозможува преглед како тесеракт. Каталозите се правени во Партизанска штампа.
Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам.