Ерол Ризаов е добитник на наградата „Жан Моне“ за 2013

Коментаторот и поранешен главен и одговорен уредник на „Утрински весник“ Ерол Ризаов е добитник на годинашната награда „Жан Моне“ за најдобар новинарски напис на тема ЕУ. За најдобра репортерска фотографија е награден Борис Грдановски од редакцијата „Вест“, а за аматерска фотографија Марија Биковска. Пофалница за уметничко достигнување доби Марија Јанчевска. Наградите денеска во ЕУ-инфоцентарот ги врачи евроамбасадорот Аиво Орав.

Ерол Ризаов е добитник на наградата „Жан Моне“ за 2013
Авторите на најдобриот новинарски напис и на најдобрата репортерска фотографија покрај статуетка и диплома, добија и парична награда од по 1.000 евра, додека најдобрата аматерска фотографија доби диплома и 500 евра.

Конкурсот за „Жан Моне“ се однесува на авторски написи и фотографии за ЕУ и за пристапувањето на Македонија кон Европската унија објавени во домашни весници, списанија и на веб-страници, од 8 до 15 ноември 2013 година.

Жирито што ги оценуваше пристигнатите дела имаше четири члена, претставници на Делегацијата на ЕУ, на владиниот Секретаријат за европски прашања и на академската заедница, како и професионален фоторепортер – добитник на минатогодишната награда „Жан Моне“.

Пред доделувањето на наградите евроамбасадорот Орав порача дека една од приоритетните заложби на ЕУ е слободни и независни медиуми. Огромна е обврската и одговорноста на новинарите, рече Орав, во градењето на демократското општество, но не помалку се битни и фоторепортерите ако се земе предвид дека една слика вреди илјада зборови.

Претседателот на жирито, српскиот новинар Теофил Панчиќ изрази задоволство од „живата медиумска сцена во Македонија“. Новинарот Ризаов заблагодарувајќи се на наградата рече дека ја добива на крајот на кариерата, но парадоксално е тоа што ја чувствува како негов личен пораз.

„Дваесет и пет години пишувам за ЕУ. Веројатно ќе заминам во пензија, без да влеземе во ЕУ“, рече Ризаов.

Извор: Утрински весник