[Интервју] Ерик Налдер: Јавност која не знае што и се случува е во постојан ризик

Секогаш работев новинарство заради приказната и луѓето а не за наградите, вели Ерик Налдер, истражувачки новинар и предавач од САД, кој има добиено две Пулицерови награди, една за национално известување во 1990-тата и другата за истражувачко новинарство во 1997 година. Во интервју за Радио МОФ, Налдер кој сега е во пензија и предава интервјуирање и истражувачко новинарство, говори за неговата неверојатна новинарска кариера, проблемите со кои се соочуваат новинарите во Македонија и  на Балканот, но и за скандалите со прислушување во САД и тамошниот третман на „дошепнувачите“.

Photo/Vedat Xhymshiti

Photo/Vedat Xhymshiti

На летното  училиште на Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) кое се одржа во Блед, Словенија, споменавте дека вашите родители се дипломати и дека значаен дел од вашето детство сте го поминале во различни земји. Кога одлучивте да станете новинар и дали овие постојани патувања на некој начин имаа влијание врз вашата одлука?

Живеев во Авганистан, во Либија, Франција и мислам дека фактот што бев дете кое постојано е преку океанот со неговите родители, навистина влијаеше врз мене и ми ги отвори очите дека различни луѓе живеат на различни места и на различни начини. Тоа ми ги отвори очите за фактот дека дека живеењето само по себе е голема приказна. Кога прв пат пристигнав на Универзитетот во Вашингтон каде што студирав во САД не бев сигурен што точно сакам да бидам. Помислував да бидам адвокат, но повторно, не бев сигурен. Она што се случи е на некој начин смешна приказна. Влегов во канцеларијата на еден од советниците на Универзитетот и влегов кај погрешниот советник, личност која ти помага за кои предавања  да се одлучиш да ги следиш. И тој ме праша какви предавања сакам, а јас му одговорив дека сакам да одам на предавања каде што се прават тестови со есеи а не тестови каде што мора да го имаш точниот одговор. И тој ме праша дали сакам да пишувам – реков да, но не признав дека сакам есеј-тестови од проста причина што сметав дека е полесно да се лажираат. И тогаш тој ми кажа дека треба да одам на комуникации и така завршив во новинарството.

Среќа што сте влегле во погрешната канцеларија, имавте неверојатна кариера. Две Пулицерови награди, уште една номинација за Пулицер и многу други награди и признанија – сте помислувале тогаш дека вашата работа ќе тргне во овој правец? И што денес претставува новинарството за вас?

Photo/Vedat Xhymshiti

Photo/Vedat Xhymshiti

Новинарството беше мојата врата кон многу искуства. Дури го вклучува и ова искуство – доаѓањето на Балкан, но во основа ми ги отвори вратите да направам толку многу различни нешта. Од друга страна, новинарството ми ја даде можноста да работам со многу паметни луѓе со отворени очи и отворени уши кои навистина сакаат да знаат што се случува. Тоа беше одлично, да се работи со навистина големи уредници. Кога бев почетник навистина не знаев што сакам да правам, само сакав да ја завршам приказната, па потоа следната и следната и бев премногу зафатен за да мислам на новинарските награди или нешто слично, тие беа изненадување за мене. Но, она што беше изненадување е фактот што навистина работев новинарство за приказната. Тоа не беше за награди, тоа беше за приказните. Сакав да пишувам стории, сакав да им раскажувам на луѓето стории, сакав да им кажувам на луѓето работи кои не ги знаеја, значајни работи и тоа ме придвижуваше.

Имавте големи стории за корупција во политиката, институциите, големите корпорации. Како се справивте со притисоците, како ве третираа центрите на моќ за време на истражувањето и по објавувањето на сториите?

На пример, една нафтена компанија беше обвинета за измама по мојата приказна. Навистина се различни искуствата како реагираат. Многу е важно дека јас секогаш бев многу љубезен. Исто така, многу е важно дека секогаш бев многу упорен. Луѓето на тоа реагираа на различни начини. Некои беа од помош, некои од луѓето во корпорациите, институциите стануваа толку загрижени за погрешните работи што ги прават и за како тоа ќе се одрази на нив, што стануваа дошепнувачи, кртови, доаѓаа кај мене и ми носеа информации од организацијата каде што работеа. И беше многу важно.

Актуелни се случаите со дошепнувачите како Сноуден, Менинг итн. Што мислите за острината на реакцијата кон овие луѓе од страна на владата на САД, па дури и европските влади кои се покажаа кооперативни со САД во нивното гонење?

Нели е интересен фактот дека Сноуден мораше да оди во Русија за да избега од САД само затоа што изнесе информации за една многу важна приказна?! Мислам дека е многу храбро луѓето да излезат во јавноста со вакви информации. Можете да откриете дека оние кои ги изнесуваат овие информации имаат разни мотиви, можеби се бесни на својот шеф, можеби имаат политички мотиви различни од оние на другите, можат да имаат секакви причини. Вие треба да го знаете мотивот на дошепнувачот, но она што е многу многу поважно е документот сам по себе.

Photo/Vedat Xhymshiti

Photo/Vedat Xhymshiti

Знаете, американската влада класифицира како тајни премногу работи, веројатно илјада пати повеќе од потребното. И многу од овие работи се класифицираат како тајни затоа што американската влада се труди да спречи да биде посрамотена или затоа што  владата, директорите на тајните служби и војската не сакаат нивните грешки да бидат изложени пред јавноста. И тогаш земаат и класифицираат нешто за јавноста да не може да го види. Тоа ми се случи и мене при едно истражување за прекршување на безбедносните протоколи  во една програма за нуклеарно оружје. Тоа се случуваше се додека не дојдовме до документите кои беа класифицирани. Кога дојдовме до нив, мораа да ја затворат програмата, затоа што она што го правеа покажуваше дека овие документи никогаш не требало да бидат класифицирани како тајни. Така што исто е и со Сноуден. Без разлика какви му биле личните ставови и мотиви, мене не ми е грижа – тој пред јавноста изнесе многу важна информација за тоа како американската влада ги следи комуникациите на луѓето од целиот свет. Тоа стана огромна приказна која предизвика разни дискусии во Белата куќа, Конгресот… По дефиниција, ако оној кој ги изнесува документите предизвика таква дискусија и открие таква работа, тогаш таа личност е дошепнувач, а не криминалец.

Но гледаме дека засега тие се единствените кои трпат последици. Менинг беше осуден на 35 години затвор, Сноуден е во бегство, а во меѓувреме не сме слушнале дека некој од институциите превземал некаква одговорност, зошто?

Бредли Менинг изнесе  многу документи и не беше многу селективен,а веројатно требаше да биде. Изнесе многу срамни детали за лидерите во светот кои покажаа многу сериозни проблеми во врска со Ирак и американската војска. И сето ова е важно. А не видов дека е измачуван било кој од луѓето кои направиле грешка како што покажаа овие документи.

Неколку пати на предавањата споменавте дека балканските новинари се навистина храбри и дека нивната работа е многу потешка споредено со вашата, имајќи ги во предвид земјите во кои работат.

Искуствата на новинарите од Македонија, Црна Гора, Косово ми говорат дека да се работи овде е навистина опасно и имате големи тешкотии кои ние во САД не сме ги искусиле. Да, и јас сум имал закани, но тешко е во САД да му наштетите на некој новинар. Но, се чини дека на балканските земји е многу полесно да се направи ова. Постои една пресилна бариера помеѓу владите на Балканот и новинарите. Има премногу големи ѕидови, премногу притисоци,  премногу одбивања и нетранспарентност за новинарите да добијат информации и да си ја работат својата работа , односно да и покажат на јавноста што навистина се случува. А верувајте ми, овде јавноста навистина мора да знае што точно се случува. И мора да знае дека секој ден, нивните животи се на некаков ризик, поради тоа што не знаат што се случува.

Кристина Озимец