Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата се заколна дека ќе ја врати смртната казна „без размислување“, пред референдумот на 16 април на кој ќе се гласа за радикално зголемување на неговите моќи.
Зборувајќи на митинг пренесуван во живо, лидерот на Партијата за правда и развој вети дека ќе потпише закон со кој се враќа на сила смртната казна. Додаде и дека „верува, со помошта од Бога, дека после гласањето на 16 април, парламентот ќе го направи потребното во однос на барањата на граѓаните за смртната казна“.
Неговите контроверзни коментари доаѓаат една деценија откако Турција сосема ја аболицираше смртната казна, во обидите да се приклучи кон Европската унија.
Ова не е прв пат Ердоган да зборува јавно за враќањето на капиталната казна. Ја најави намерата за оваа промена после неуспешниот обид за државен удар на 15 јули, велејќи дека „ќе им донесе правда на семејствата на жртвите“.
Како што се наближува референдумот, Ердоган води анти-западна кампања, а ја прикажува Турција како „голема нација која е потценета од империјалистичката Европа“. Досега ја нападна германската канцеларка Ангела Меркел, ги нарече Холанѓаните „нацистички остатоци“, а наводно се труди да одржува добри односи со Трамп и САД.