Ердоган: Мажите и жените природно не можат да бидат еднакви

Турскиот исламистичко-конзервативен претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека жените природно не можат да бидат еднакви со мажите. Тој отворено ги критикува феминистките, обвинувајќи ги дека се против мајчинството.

Ердоган: Мажите и жените природно не можат да бидат еднакви

„Нашата религија го има одредено местото за жените, а тоа е мајчинството“, изјави Ердоган во Истанбул, на собир за правото и жените, пренесе агенцијата Франс прес.

„Некои личности ова можат да го сфатат, а други не. Ова не можете да им го објасните на феминистките, затоа што тие не ја прифаќаат дури ни самата идеја за мајчинството“, додава Ердоган.

Шефот на турската држава објасни дека на жените и на мажите не може да им се пристапува на ист начин, зато што тоа е „против човечката природа“.

„Нивниот карактер, навиките и физичкиот изглед се различни. Не можете да ги ставите на исто рамниште жената што го дои своето дете и еден маж. Не можете да барате од жените да работат секаква работа, како што беше во комунистичките земји. Не можете од нив да барате да копаат земја, затоа што тоа е во спротивност со нивната деликатна природа. “, вели Ердоган.

Партијата на Ердоган, која владее со Турција од 2002 година, противниците редовно ја обвинуваат дека сака да го исламизира турското општество, посебно со ограничувањето на женските права.

Актуелниот претседател, кој беше на чело на владата 11 години, пред да биде избран за претседател во август годинава, неколкупати предизвика гнев кај турските феминистички движења, безуспешно обидувајќи се да го ограничи правото на абортус, како и со препораката за жените – да родат по најмалку три деца.