Ердоган: Контрацепцијата е форма на предавство

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во својот последен јавен настап, ја изедначи употребата на контрацепција со предавство на националните интереси. Говорејќи на венчавка во неделата, Ердоган ги охрабри младенците да имаат три деца и ги обвини бранителите на концептот на контрацепцијата дека го подриваат растот на турската нација.

„Со години тие го поттикнуваат предавството на контрацепцијата во оваа земја, сакајќи да ја пресушат нашата крвна линија. Лозата е многу важна, како економски, така и духовно“, изјави Ердоган. Претседателот-исламист и порано имаше слични изјави, кои во поголемиот дел од светот беа наречени шовинистички.

Во 11-те години како доминантен лидер на Турција, тој изрази силно противење на абортусот и контрацепцијата, а ги повика граѓаните да создаваат многудетни семејства со најмалку три, но подобро четири или пет деца.

Минатиот месец, Ердоган ги налути активистите за родова еднаквост, кога на една конференција изјави дека мажите и жените природно не можат да бидат еднакви, затоа што Исламот ја има дефинирано улогата на жените во општеството и дека тоа е мајчинството.