Епл собра еден тон злато преку рециклирање на Ајфони минатата година

Преку преработување на стари Ајфони, Ајпади и Мекбук лаптопи, Епл заштеди огромно количества на скапоцени материјали.

Компанијата објави дека има собрано речиси еден тон злато преку рециклирање на стари производи во 2015 година. Според моменталната цена на златото, тоа чини околу 35 милиони фунти.

Бројката е објавена во Извештајот за одговорност кон околината кој компанијата го објави неодамна. Во него детално се прикажани резултатите на еколошките напори на компанијата во последната година.

Освен злато, Епл собрале и три тони сребро и повеќе од 1300 тони бакар, пишува Independent.

Овие вредни материјали се преработени преку Apple Renew, програма со која корисниците на Епл ги враќаат старите производи во замена за пари за друг производ од Епл.

Дел од рециклажата е извршена од прототипот Лиам, робот дизајниран да крши стари Епл уреди, истовремено идентификувајќи ги и одделувајќи нивните вредни елементи кои можат да се искористат.

Производителите на електроника не ставаат злато во производите само поради екстраваганција. Металот се користи во процесорите бидејќи е одличен спроводник, а и не кородира и не оксидира брзо како бакарот или алуминиумот.