Епл се извинува на корисниците откако им ги успори телефоните

Технолошкиот гигант Епл се извини на корисниците откако стана мета на критика за намерно успорување на постарите модели на Ајфон, поради што компанијата веќе се соочува со колективна тужба.

Од Епл сега велат дека ќе ги заменат батериите поефтино и во 2018 година ќе пуштат во употреба софтвер кој ќе ја мониторира состојбата на батеријата на телефоните. Преку соопштението, објавено на нивниот сајт, тие информираат дека ќе ја спуштат цената за замена на батерија која не е под гаранција од 66 на 24 евра за сите кои имаат Ајфон 6 или понов модел.

Како што велат, овој потег се прави за да се „излезе во пресрет на загриженоста на корисниците, да се оддаде признание на нивната лојалност и да се врати довербата на сите кои имале сомнежи во намерите на Епл“.

„Во Епл, довербата на нашите корисници ни е најважна. Никогаш нема да престанеме да ја заслужуваме и да ја задржуваме. Можеме да го работиме тоа што го сакаме само поради вашата верба и поддршка и никогаш нема да го заборавиме тоа или да го земеме здраво за готово“, стои во соопштението на компанијата.

Епл се соочува со осум различни тужби во САД поради оваа афера, а се соочува и со дополнителни процеси во Израел и Франција.

Претходно, месецов, комапнијата призна дека намерно ги успорува постарите модели на Ајфон телефоните, информирајќи дека направиле промени во оперативниот систем за да овозможат подобро работење на литиумските батерии на некои уреди, кои губеле од моќноста после одредено време.