„Епл“ е најдобриот светски бренд во 2018

Најдобар бренд годинава е „Епл“, чие богатство изнесува 214,4 милијарди долари, за 16 отсто поголемо од лани, наведува компанијата за стратешко консултирање, „Интербренд“, во својата традиционална ранг листа на најдобрите глобални брендови.

На второ место е компанијата „Гугл“, чија вредност е зголемена за 10 отсто и сега изнесува 155,5 милијарди долари, а трета е „Амазон“, која вреди 100, 7 милијарди, со дури 56 отсто повеќе од лани.

Следува „Мајкрософт“, чие богатство изнесува 92,7 милијарди, што е раст од 16 отсто. „Кока Кола“ е следна, иако нејзината вредност е намалена за 5 отсто и изнесува 66,3 милијарди долари, а на шесто место е „Самсунг“, зголемувајќи ја својата вредност за 6 отсто и има 59,8 милијарди долари.

„Тојота“ вреди 53,4 милијарди, 6 отсто повеќе од лани и се наоѓа на седмо место. „Мерцедес“ е осма со 48,6 милијарди, а меѓу првите десет компании се и „Фејсбук“, која вреди 45,1 милијарди, два отсто помалку од пред две години и „Мекдоналдс“, со вредност од 43,4 милијарди.

Во продолжение на листата се споменуваат и „Интел“, „ИБМ“, „Дизни“, „Циско“, ГЕ технолоци“, „Најк“, „Луј Витон“, „Оракл“ и Хонда“.