Епизода на „Star Trek: The Next Generation“ не била снимена поради геј пар во сценариото

Еден од главните концепти на антологискиот научно-фантастичен серијал „Star Trek“ на авторот Gene Rodenberry е дека во иднината, сите предрасуди од денешното време се исчезнати. На пример, во оригиналниот серијал од 60-те, емитуван во екот на Студената војна, на командата на бродот „Enterprise“ служи Русин. Подоцна, во епизода на „Star Trek“ е прикажан првиот меѓурасен бакнеж на американска телевизија. Но, според информациите од луѓето што учествувале во продукцијата на серијалот „Star Trek: The Next Generation“, емитуван во 80-те и 90-те години, една епизода никогаш не била снимена, само затоа што во сценариото имало геј двојка.

Како што се сеќава еден од сценаристите, David Gerrold, авторот на серијалот Gene Rodenberry на една конвенција во 1986 година јавно кажал дека е време во серијата да има ликови-хомосексуалци. Оваа идеја за малку и ќе била преточена во реалност, во епизодата со наслов „Крв и оган“, која требало да биде алегорија на кризата со СИДА-та во 80-те. Според Gerrold, во епизодата имало двајца споредни ликови, кои Will Riker во една сцена ги прашува: – Колку време сте вие двајца заедно? А, тие одговараат: – Уште од академијата.

Сепак, ова било спорно за продуцентите на серијата, затоа што таа во делови од САД се прикажувала во попладневните часови, а темата се уште била премногу контроверзна за американската јавност. Така, спорната епизода никогаш не е снимена, а авторот Rodenberry, иако бил решен да вметне геј ликови, не стигнал да го направи тоа пред да почине. Сепак, подоцна, во епизода од серијалот „Star Trek: Deep Space Nine“, се случува лезбејска врска, од која е прикажан и бакнеж, првиот таков во историјата на „Star Trek“.