Епидемијата ги разбуди родителите за да ги (ре)вакцинираат децата

Надвор февруарско сонце, пролет сред зима. Претладне, работен ден. Пред вакциналниот пункт во скопската поликлиника „Букурешт“ седнати се неколку родители крај своите деца. Мајка „скрола“ рилови на мобилниот додека нејзината ќерка и’ легнала во скут. Друг татко дискутира со сопругата за картонот за имунизација, а нивните две деца се растрчани наоколу. Истовремено, трета мајка го гушнала синот, заедно гледаат во подот. Крај нив е застанат и средновечен човек, будно разгледува промотивен материјал со натпис „Болести што може да се спречат со вакцинација“ оставен на масичката.

Сите чекаат да примаат, или да се информираат за вакцина, откако на 8 февруари на територијата на Скопје беше прогласена епидемија со голема кашлица (пертусис). Бројките на заболени во главниот град досега се околу 40, иако се’ уште тековно се собираат податоци.

„Во шесте поликлиники при Здравствен дом Скопје, вакциналните пунктови работат до 19 часот, во две смени. Родители со деца континуирано доаѓаат, бројката е за 4-5 пати зголемена во однос на редовните денови кога сме имунизирале. Ако имало по 20-30, сега доаѓаат по 50-60-70, дури еден ден имавме и 130 деца“, вели Силвана Миркоска, главна медицинска сестра во поликлиниката „Букурешт“.

Во оваа поликлиника, посочува таа, повеќето доаѓаат за вакцината ДиТеПер, која штити од тешки заразни заболувања, дифтерија, тетанус и од голема кашлица. Главно се деца од претшколска возраст, од два месеца до шест години.

Бидејќи оваа вакцина се прима на 2, 4, 6 месеци, обично ја имаат пропуштено ревакцината. Има и такви што воопшто немаат примено вакцина, а стигнале до 3-4 години. Затоа постојано апелираме да ни пријдат, да се вакцинираат, или слушнат совети од најкометентни лица. Тука работат специјалисти, комплетно опремени и професионални тимови. Тие навистина можат да одговорат на дилеми кои ги засегаат родителите за вакцините. Можат да дојдат пример и за МРП, што штити од морбили, рубеола и паротит (заушки). Сите протоколи се запазени, вакцините се безбедни, секое дете е прегледано од лекар специјалист педијатар“, нагласува Маркоска.

Според неа, не е поентата родителите да дојдат само по потврда за градинка, туку за здравјето на своето дете.

„Причината не треба да е потврдата. Доколку нашите деца се заштитени, сите ние ќе бидеме заштитени“, потенцира Маркоска.

Трка по потврда за вакцина

Институтот за јавно здравје информираше дека речиси 5.000 деца од Скопје (4.991) ја пропуштиле вакцинацијата за пертусис, од кои во последниот период се вакцинирани 982 деца.

Од овие што се вакцинирале во последниот период, најголем дел (40%) примиле прва ревакцина. Околу 64 отсто од оние што се заболени, се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно Календарот за имунизација.

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести, од 18 јануари наваму сите пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, за да се повикаат и имунизираат. Од Комисијата препорачаа забрана за прием и упис на деца кои не се вакцинирани за пертусис во градинките, за да се заштитат најмалите, каде оваа болест може да биде најтешка.

Сепак, градинките до вчера немаа добиено известување дека има епидемија за да ги враќаат невакцинираните. Техничкиот министер за труд и социјала Ѓоко Велковски тврди дека се вршат вонредни контроли.

Во моментот правиме контрола за да нема дечиња кои ги немаат сите документи во прилог на досието. Значи тоа е првиот начин со кој може да спречиме да нема проширување и дечиња што не се вакцинирани да одат во градинка“, изјави Велковски. 

Во училиштата, пак, почнаа да стигнуваат пораки од Министерството за здравство сите ученици кои немаат вакцини да одат на пунктовите. Не можат да бидат вратени од настава бидејќи образованието е задолжително и уставно загарантирано право, исто како што и вакцинацијата е законска обврска.

„Најважно е родителите да ги проверат вакциналните картони на своите деца за сите задолжителни вакцини, согласно календарот за имунизација. Ако ја пропуштиле вакцинацијата на нивното дете, да го однесат веднаш за вакцинирање за да се спречи појава на болеста“, велат од Министерство за здравство.

Од таму појаснуваат дека вакцинацијата на лица од 0 до 18 години е законски регулирана со Законот за заштита на населението од заразни болести, како и со Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лицата кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење евиденција и документација.

Согласно правилникот за имунизација, вакциналниот статус на секое дете задолжително се проверува при запишување во предучилишни установи и во училиште. Проверка на вакциналниот статус се врши со споредување на приложената документација за сите претходни имунизации, а врз основа на картон за имунизација – личен картон за извршена имунизација и согласно Календарот за задолжителна имунизација на лица на одредена возраст“, посочуваат од министерството.

Што велат училиштата?

Радио МОФ стапи по контакт со неколку школи од Скопје, како и низ земјата. Генерално, сите тврдат дека досега немале проблеми при упис на ученици, отпор од родители, но, од друга страна, скоро сите бараат повеќе кампањи за дигање свест за вакцинацијата.

„Генерално, потребна е поголема едукација на родителите во однос на придобивките од редовната имунизација на нивните деца“, вели Гордана Мојсоска, директорка на „Гоце Делчев“ од Гостивар.

Од стручната служба на гевгелиското „Климент Охридски“, веруваат дека секогаш е позитивно да се вложува во едукација на родителите, а со тоа и континуирана информираност за сите новини и промени кои настануваат со вакцините.

„Колку поинформирани ќе бидат родителите, толку повеќе ќе се намали стапката на невакцинирање. Сметаме дека стравот од незнаење и допирот со разни дезинформации е тоа што ги плаши родителите навремено да ги вакцинираат своите деца“, посочува стручната служба.

Во врска со процесот на вакцинација на училишната возраст, за „Климент Охридски“ би било многу попрактично кога вакцинацијата би се вршела во самите училишта со посета на здравствените лица, како што било пракса во минатото.

„Училиштата како нашето се наоѓаат во рурална средина (с. Миравци), па скоро за сите активности треба да се патува до Гевгелија. Многу често го чувствуваме тој финансиски удар односно немање доволно средства за да ги оствариме сите задолжителни обврски. А со патувањето и мобилноста на здравствениот тим ќе чувствуваме поголемо олеснување“, потенцираат од „Климент Охридски“.

Стручниот соработник – педагог од светиниколското „Даме Груев“, Габриела Милановска Ѓорѓиевска, вели дека иако нивното училиште е во рурална средина, немале случај родителот да одбива да го вакцинира детето или да не донесе потврда, бидејќи не прават таков исклучок за упис.

„Имало ситуации каде биле во прашање неколку дена или недели, заради болест на детето, родителот да нема таква потврда во моментот кога се донесува детето на упис, биле враќани назад додека не ја добијат потврдата. Кога ќе ја примат и последната вакцина тогаш доаѓаат на упис“, посочува таа.

Од скопско училиште, директорка која сакаше да остане анонимна, вели дека потврдите се носат, но има сознанија и за деца што не се вакцинирани, а сепак им се издадаваат потврди што го покажуваат спротивното.

„Како се случува тоа, не е во мој домен да кажувам или истражувам, бидејќи ние ги добиваме потврдите и согласно тоа уписот е регуларен. Ова не е генерална слика, тоа се инцидентни случаи, ама сепак постојат. Значи, ‘на папир’ се’ е легитимно, легално, а всушност некогаш не знаеме колку, како и дали детето е вакцинирано. Наше е да ги образуваме и воспитуваме, на останатите институции останува да отежнуваат на родителите да наоѓаат ‘алтернативни патишта’ за го измамат системот. Бидејќи, се работи за здравјето на сите деца“, вели директорката на скопското училиште.  

Со одговорност до помалку болести  

Дека родителите треба да го чуваат здравјето на своето дете е согласен и Злате Мехмедовиќ, доктор, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Тој вели дека вакцината е задолжителна, неопходна, особено што три болести му се закануваат на европскиот континент: пертусис, дифтерија и морбили.

„За жал, ваквите ситуации се повторуваат, циклично. На неколку години, дали на 5-10 години имаме некоја мини епидемија. Во 2019 имавме епидемија на морбили, сега на територија на Скопје сведочиме епидемија со пертусис. Како да забораваме низ се’ што поминавме таа 2019-та, па повторно процентот на МРП вакцината беше 75% за првата, а втората некаде 82-83%. Родителите, но и сите ние треба да се однесуваме одговорно. Децата треба да се вакцинираат, за да ги превенираме болестите“, посочува Мехмедовиќ.

Детскиот имунолог Кети Ставриќ смета дека ситуацијата може да биде поинтензивна. Постојат деца што се невакцинирани, деца што во текот на ковид-кризата следеа и онлајн настава.

„Покрај тоа што вакцинацијата во ниту еден момент не запре во текот на пандемијата, сепак родителите не ги носеа децата на вакцина. Ги пропуштија тие вакцини, но требало што поскоро потоа да се надокнади. Затоа, сите институции на некој начин треба да се вклучат, а пред се’ родителите, едноставно да бидат одговорни. Да ги проверат вакциналните картончиња, ако не знаат може да провери и матичниот. Треба ажурност и иницијатива од родителите“, посочува Ставриќ.

Освен вакцинацијата, вели таа, апелите се и ако има болно дете тоа да не посетува школо, настава, да не оди на гости, посебно каде има бебиња до година дена.

„Да не се прават посети, па макар и од возрасен. Ако е настинат, пособро да избегне да оди на прослава, роденден. Можеби позади таа настинка се крие пертусис. Значи, и тоа е вид на заштита. Да превенираме да се шири инфекцијата. Ако се сомневаме дека е пертусис, да се тестира, а ако се докаже – да се лекува. Ова е бактериска инфекција. Има лек, има антибиотик. Генерално е потребен колективен имунитет, вакцинација“, децидна е Ставриќ.

Опфатот на имунизација низ бројки

Институтит за јавно здравје (ИЈЗ) вели дека според Програмата за задолжителна имунизација на населението во Македонија, препорачаниот опфат за примовакцинација е над 95% за сите вакцини. Сепак, тој не констатиран за ниту една вакцина, на национално ниво.

Последниот извештај  на ИЈЗ е направен за 2022 година, a податоците за 2023 се’ уште се преработуваат.

Извор: Институт за јавно здравје

И во однос на ревакцинацијата не е реализиран опфат над препорачаните 95% за ниту една ревакцина. За сите е под 90%, а најниска ревакцинација е против ХиБ инфекција, ДиТеПер и ИПВ со петовалентна вакцина – 69,3%.

Извор: Институт за јавно здравје

Како што покажуваат анализите на Институтот, по градови, опфатот конкретно на оваа ревакцина е различен, некаде тој е повисок, а во некои градови загрижувачки. Пример, во Охрид, Дебар, Битола, Кичево, Прилеп, Кочани, Струмица, Валандово и Демир Хисар е меѓу 90 и 95%. Oд друга страна, Центарот за јавно здравје во Куманово регистрирал 46,4%.

„Од подлежечките деца на територијата на целата република со оваа ревакцина не се опфатени вкупно 6.203 деца, од кои најголем број (2.786) и најголем процент (44,9%), по жителство припаѓаат на територијата што ја покрива ЦЈЗ Скопје, а потоа следи ЦЈЗ Куманово (915; 14,8%), се вели во извештајот.

Во однос на ревакцината за МРП, која штити од мали сипаници, рубиола и од паротитис, таа бележи опфат од 89,2 проценти. Првата доза од оваа вакцина се прима на возраст од 9 до 15 месеци, додека втората се прима од 15 месеци до 6 години, со растојание помеѓу двете дози од најмалку 4 недели. По примени две дози, ефикасноста за стекнување имунитет е 97 % против морбили, 88 % против паротит и најмалку 97 % против рубеола.

Заклучоците на Институтот се дека во изминативе 20 години, се’ до 2020 година, во Македонија не е регистриран опфат под 90 % на вакцинацијата, освен за ХПВ, која е воведена во земјава во 2009 година.

„Намалувањето на опфатот со вакцинација е тренд присутен не само во нашата земја, туку и на глобално ниво, а последните неколку години е несомнено е поврзан со тековната пандемија на КОВИД-19“, стои во извештајот на ИЈЗ од 2022 година.

Имунизацијата низ пари

Ако се погледнат владините Програми за задолжителна имунизација на населението, генерално, може да се заклучи дека како што изминативе години почна да опаѓа препорачаниот опфат од 95%, така се зголемуваат државните средства за вакцини.

Првите податоци на сајтот на Министерството за здравство се за Програмата од 2013 година, иако информациите од Службен весник покажуваат дека ваква Програма имала и во 2011 и 2012 година (на сајтот на ресорното министерство не се „закачени“ ниту програмите за 2014, 2016 и 2017 година).

Владата во 2011 година издвоила 207 милиони денари, од кои близу 73 милиони денари за вакцини за континуирана имунизација и за епидемиолошки индикации, а дури 132 милиони денари за заостанати долгови. Што значи, скоро 65% биле за заостанати обврски за вакцини.

Една деценија подоцна, во 2020 година, средствата за имунизација се зголемени дупло повеќе. Пред се’, Програмата претрпува „претумбации“ поради пандемијата. Од вкупниот износ од скоро 488 милиони денари, средства во висина од близу 70 милиони денари се предвидени за авансно плаќање на вакцините против КОВИД-19, обезбедувани преку КОВАКС-мехамизмот.

Во 2021 година државата рекордно вложува во имунизација (805 милиони). Од Буџетот се обезбедуваат 415 за вкупните количини вакцини, додека 390 милиони денари одат за набавка на КОВИД-19 вакцини. Веќе од наредните, 2022, 2023 и оваа 2024 година, со олабавување на короната се намалуваат и средствата за вакцините. Сега, освен за редовни вакцини, пари се двојат и за работата на Националната комисија за имунизација  – 2 милиони денари годишно.

„Преку Програма за имунизација на годишно ниво, континуирано се обезбедуваат средства наменети за набавка на вакцини и потребни резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации. За оваа година, во Програмата се предвидени 358 милиони денари, со можност за обезбедување дополнителни средства во тек на годината, согласно потребите“, велат од Министерството за здравство за Радио МОФ. 

Самата Програма, покрај поефективна вакцинација, меѓу другото, истакнува потреба и за водење електронска евиденција на имунизацијата низ цела Македонија преку „Мој термин“. Исто така, измени и дополнување на Правилникот за имунопрофилакса и хемиопрофилакса, но и едукација на здравствените работници.

Што е со кампањите?

Кампањите за вакцинација досега слабо влегуваа во владината Програма. Дури за оваа, 2024 година, по скоро деценија и пол, програмски се впишани конкретни средства за промотивни цели (600.000 денари). Односно, за промоција на „Европската недела на имунизација“, како и „за одржување работни средби со тимовите од вакциналните пунктови и регионалните координатори за имунизација со цел зголемување на свесноста на населението и здравствениот кадар за значењето на имунизацијата и безбедноста на вакцините и подготовка на промотивен материјал наменет за родителите“.

Министерството за здравство вели дека со поддршка на УН-партнерите, континуирано вложува во кампањите, со цел едукација и подигнување на свесноста кај родителите во однос на важноста на навремената имунизација.

„Во изминатава 2023 година, со поддршка од СЗО, двапати беше спроведена кампањата ‘Од врата до врата’. Со овие две успешни кампањи, вакцинирани се повеќе од 5.000 деца или со закажан термин за вакцинација, посетени се повеќе од 7.000 домови, каде што е спроведена едукација, а се поделени повеќе од 13 илјади едукативни материјали за рутинска и ковид-вакцинација“, посочуваат од министерството.

Бојан Шашевски 

*Вториот дел од сторијата поврзана со имунизацијата може да го прочитате ТУКА.
**Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со медиумите, во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.