Епидемија на морбили во Скопје, градинките нема да примаат невакцинирани деца

Министерот за здравство Венко Филипче прогласи епидемија од морбили на цело подрачје на градот Скопје, откако покрај седумте случаи кои пред десетина дена се појавија во скопската населба Радишани, деновиве има нови, 12 случаи, од речиси сите општини. Повеќето од заболените се деца, но има и возрасни. Како што посочуваат од Министерството, сите се невакцинирани.

„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, изјави Филипче.

Филипче изјави дека добра околност е што училиштата не работат, поради распустот, но и дека ситуацијата со малите сипаници е под контрола. Истовремено посочи дека се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.

„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.