„Епицентар“ ја освои главната награда „Кромид“ на „Македокс“ – фестивалот продолжува онлајн

Документарниот филм „Епицентро“ на австрискиот режисер Хуберт Саупер ја освои главната награда „Кромид“ на 11. издание на фестивалот „Македокс“.

Тој се јави од Париз со маица „Утопија“ и се заблагодари на жирито, посветувајќи ја наградата на своите млади пријатели од Куба, кои својот живот го живеат во дистопија.

Според образложението на жирито, режисерот го позајмува неговиот светоглед за Куба, островот и тамошните жители.

„Преку неговото набљудување, пронаоѓање и анализа, Саупер го има изработено филмот до најмалиот детал, создавајќи архитектура од емоции со ретка стилистичка кохерентност. Тој успева да ни овозможи непосредно доживување на филмот. Ова е филм кој нѐ соочува со прашањата од нашата скорешна геополитичка историја, за минатото и иднината и ни поставува прашања околу претставувањето и погрешното примање и за самото право нешто да биде претставено на некаков начин… и нѐ остава да бидеме истовремено маѓепсани и несигурни, образложи жирито“, стои во оценката од жирито.

Жирито за наградата „Млад кромид“ одлучи наградата да ја добие „Тунел“ на Нино Орјокиниџе и Вано Арсенишвили.

Станува збор за приказната која говори за човечката состојба и луѓето кои се соочуваат директно со нивната смрт, со загубата на можноста да остават нешто зад себе.

„Социо- политичките теми на овој филм се актуелни во сегашноста и тестамент за идните генерации. Филмот длабоко нѐ допре и навистина ни е чест да ја доделиме наградата „Млад кромид“ на филмот „Тунел““, соопштија од жирито.

Жирито додели и Специјално признание на филмот „Зборувај за да те видам“ на Марија Стојниќ, затоа што е „храбро, сонично и експериментално патување на еден медиум кои полека изумира во светот. Документарец за истрајноста и одржувањето на надежта“.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ го награди документарниот филм „Фантастичните“ на Маија Блефилд од Финска.

„Поради оригиналноста и креативната употреба на аудио интервјуа во комбинација со автентичен визуелен пристап, наградата „Сечкан кромид“ на фестивалот МакеДокс ја доделуваме на Маија Блефилд за „Фантастичните“. Емотивниот краток документарец се фокусира на нечуените гласови и неоткриените светови на севернокорејските бегалци. Жирито, исто така, цени како разговорите за филм и медиуми во филмот претставува одговор на сложените емотивни животи на индивидуите, како и на нивното себе-доживување, идентитет, проекции за иднината и концепти за реалноста“, гласи одлуката на жирито.

Жирито за наградата „Кокарче“ реши оваа награда да ја додели на „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ.

Во образложанието се вели дека одлуката е донесена поради способноста да раскажат приказна на длабок, и само навидум едноставен начин, запознавајќи ги гледачите со секојдневието на протагонистите без осудување, туку со исклучителни емпатија и сочувство.

„Ќе доплови Рекс“ е портрет за самохраната мајка – борец на три деца, која работи 11 месеци во годината на брод за крстарење во странство во нелегални услови. Филмот успешно ја претставува одлично раскажаната елиптична драматургија и стои како впечатлив пример за соц-реалистичната традиција на правење филмови. Секоја слика е избрана внимателно, а секоја сцена е засебен фрагмент, а кога сите овие елементи ќе се спојат, на автентичен начин се доловува современото хрватско општество кое се соочува со скоро неизбежна капиталистичка експлоатација и прекаријатни услови за преживување“, велат од жирито.

Жирито за наградата за филм со најдобри етички идеи наградата ја додели на „Акаша, мојот дом“ на Раду Чорнициу. Причината за конечната одлука за оваа награда, според жирито, е способноста на филмот да го улови и моќно да го претстави едно од суштинските прашања на современиот живот- дали државите се трудат да ги заштитат луѓето или се трудат да ги лишат од слобода и да ги вкалапат во системот?

По доделувањето на наградите, завршија проекциите на документарни филмови во Парк МКЦ и во летното кино на Кинотеката, но фестивалот продолжува он-лајн на платформата „Синесквер“, каде филмовите ќе може да се гледаат до 20 септември.