Европскиот парламент го суспендираше полскиот пратеник на десет дена откако за време на дебата изјави дека жените треба да бидат платени помалку, бидејќи се послаби, помалку интелигентни и помали од мажите.
Претседателот на парламентот, Антонио Тајани рече дека Јануш Корвин-Микке ќе биде суспендиран од парламентарните активности десет дена, нема да добива надомест 30 денови и ќе биде отстранет од претставување на законодавниот дом една година.
За време на дебата што се одржа на 1 мај, посветена на родовиот јаз во платите, Корвин-Микке, радикален десничар кој води помала партија рече: „Секако дека жените мора да заработуваат помалку од мажите бидејќи тие се послаби, помали и помалку интелигентни“.
Тајани рече дека тој „нема да толерира такво однесување“ и додаде дека „со навредување на сите жени, „Корвин-Микке покажал непочитување кон нашите најосновни вредности“.