Ентузијастите од „Чист Охрид“ собраа 13 вреќи ѓубре од плажата Лабино

Сезоната во Охрид веќе почна, а едно од најубавите места на крајбрежјето, благодарение на ентузијастите за почиста животна средина, веќе не се гуши во отпад. Екипата на „Чист Охрид“ вчера по втор пат во две недели ја чистеше плажата Лабино.

„На наше големо задоволство, на акцијата се приклучија неколку нови лица, а и на самата локација добивме дополнителни двајца волонтери. Посетителите кои во тој момент беа на плажата покажаа свесност и својот отпад уредно го спакуваа и оставија на соодветно место. Сепак со жалење би сакале да известиме дека (и покрај тврдењата на поединци – лица од ЈП Охридски Комуналец дека непосредно пред акцијата, локацијата била исчистена) сепак таму затекнавме загрижувачка и алармантна состојба. Беа собрани 13 вреќи ѓубре и дополнителни предмети, меѓу кои еден целосно изгорен фрижидер, додека меѓу самото ѓубре имаше славини од чешми, боја за чевли, четки за тоалетна школка и многу други предмети на кои никако не им е местото на ова прекрасно место. И понатаму апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно, а до надлежните да бидат одговорни, ажурни, темелни и отчетни во својата работа. Да придонесеме заедно и да продолжиме да го чуваме нашето богатство“, велат од „Чист Охрид“.