#EnjoyRespectVenezia – Забрането јадење по плоштадите, хранење гулаби, возење велосипед

И оваа година во Венеција продолжува кампањата #EnjoyRespectVenezia, насочена кон промовирање пристојно однесување на туристите.

Со хаштагот на социјалните мрежи и промотивни постери низ целиот град туристите се потсетуваат дека не смеат да пливаат во каналите, да прават пикник на јавно место, да се задржуваат на мостовите, да хранат гулаби, да оставаат ѓубре зад себе, да возат велосипед низ Венеција или да се шетаат по костими за капење.

Мерката што предизвика најсилни реакции како кај туристите, така и кај локалното население, е воведувањето на посебна контрола на улиците и плоштадите. Контролорите носат маици или елеци со препознатливиот слоган #EnjoyRespectVenezia и ги предупредуваат туристите што прават „прекршоци“, како на пример јадење сендвич на отворено на плоштадот Свети Марко.

Контролорите засега само ги предупредуваат посетителите, а во случај на бурна реакција може да викнат полиција и да наплатат казна од 25 до 500 евра.