ENGAGE:Youth – младинската сцена на ENGAGE 2020

Годинешното издание на ENGAGE 2020 ја најавува младинската сцена ENGAGE: Youth која се организира во рамки на деветтото издание на конференцијата за друштвени медиуми која ќе се одржи утре (22 февруари), во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје.

На ENGAGE: Youth истакнати младинци од државата ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, образование и животна средина. Со 5 говорници и 70 гости во публика, ENGAGE: Youth ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобруваат општеството во кое живееме.

На ENGAGE:Youth ќе зборуваат членовите на тимот „Андромета“, активистката Рита Бехадини, иноваторот Сашо Јандревски, Иван Мицков од „coolinari.mk“ и младите од Кариерниот центар РЈК.

Тимот Андромета се бори против стигмата и пониженото гледање на важноста на менталното здравје кај адолесцентите, а на ENGAGE:Youth ќе зборува на тема „Како тимот Андромета ја погоди метата во центар со креирање на SpeakOut апликацијата“. SpeakOut е младинска платформа каде младите можат преку давање и добивање младинска поддршка да го негуваат своето ментално здравје. Преку платформата, Андромета се бори против стигмата и пониженото гледање на важноста на менталното здравје кај адолесцентите, ги мотивираат сами да се изборат за себеси, да не се чувствуваат осамено бидејќи менталното здравје е исто толку важноколку и физичкото.

Рита Бехадини е активистка која ќе зборува на темата „ Како една девојка може да донесе насмевка за 145 студенти“. Бехадини отсекогаш имала страст кон новинарството. Ангажирањето за прашања што влијаат врз животот во заедниците е важно за неа уште од средно училиште. Таа беше ангажирана како новинарка во „Портал.мк“ за време на студиите, а сега ја води утринската емисија на Алсат-М Телевизија. Нејзината работа како новинар се однесува не само на родовата еднаквост, туку и на прашањата поврзани со животната средина. Како активист, таа организира повеќе добротворни активности за помош на сиромашните семејства и деца.

Сашо Јандрески е средношколец-иноватор, а неговиот говор е на тема „Од волонтирање во болница до создавање револуционерна медицинска иновација“. Јандрески има само 16 години, а успеа да измисли уникатен шприц што ќе ги штити медицинските лица од зарази при инјектирање терапија. Тој е втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а веќе има неколку години волонтерски работи во Итната медицинска служба и во болницата „Борка Талески“ во Прилеп. Работејќи заедно со медицинските лица, кои секојдневно доаѓаат во допир со пациенти, кај него се родила идејата да направи шприц и да го заштити животот на медицинарите.

Иван Мицков, ќе го раскаже искуството од „coolinari.mk“, како иновативна можност за промоција и запознавање со средношколците кулинари. Ова е онлајн дестинација преку која може да ги запознаете учениците -готвачи од СУГС „Лазар Танев“, да ги прочитате нивните биографии, да се запознаете со работата која што ја работат за време на нивните активности во училиштето и надвор од него. Овој начин на промоција на учениците им овозможува голема себе промоција за полесно пласирање на пазарот на трудот.

Средношколците од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ ќе зборуваат за својот Кариерен центар како концепт применет во пракса – од свирки во Пацио, преку целодневни настани како „Уметникум“ и еко акции, па се до организација и креативно осмислување на манифестацијата „Просветилка“. Корчагинците од Кариерниот центар ја имаат ретката можнсот за работа во еден средношколски центар кој работи веќе долго време во самото училиште. За себе велат дека се „Креативна младина што го прави Корчагин културен“.

Инаку, на деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи повеќе Домашни и странски активисти ќе бидат говорници на теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е затворена, а за сите што нема да можат да присуствуваат ќе има стрим во живо.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.