[ENGAGE] Orce Talks: Ако нема дебата, се создаваат млади кои не прифаќаат туѓи ставови

Сакајќи да дадат простор на младите да ги искажат и да бидат слушнати нивните ставови за теми кои не се третираат во училишните клупи, група на средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“, започнаа да организираат проекции на филмови проследени со дискусии.

Токму Андријана Пејчиновска и Жељко Ненадиќ зборуваа за оваа иницијатива на ENGAGE- конференцијата за друштвен активизам, која се одржа вчера во Музејот на современа уметност.

Тие досега одржале четири успешни настани, на кои присуствувале над 100 средношколци и студенти. Ова, како што велат тие, го направиле целосно сами. Денес се горди што нивната идеја полека се шири и меѓу останатите скопски гимназии, во кои од наредната година исто така ќе започне да се реализираат вакви настани.

Пејчиновска и Ненадиќ велат дека сакаат да им дадат простор на младите да се искажат, без разлика колку се срамат или гордеат со своите ставови.

„Ако нема дебата, младите се затвораат. Ако нашите ставови не бидат прегледани, ние ќе мислиме дека тоа е единственото правилно нешто и во општеството се создаваат млади кои не прифаќаат други ставови и се затвораат во меур“, кажаа тие.

„Токму вакви конференции се она што ни фалеле во изминатите години во образованието“, сметаат од „Orce Talks“.