Енергичните „Rib“ ќе ја затворат програмата на „Здраво млади“

За затворање на овогодинешната програма на „Здраво млади“ ќе се погрижи домашниот бенд „Rib“.

Триото има нов албум во 2019 година, од кој произлезе хитот на годината – ROTATOR. Ова ќе биде уникатна прилика да се слушнат и видат „Rib“ на сцена, заедно со David Best (Fujiya & Miyagi).

„Rib“ се Јане Трајковски на гитара, Џано Куч на тапани и Ивица Димитриевиќ на гитара и бас.

„Необременети од за нашите бендови анахроната потреба да се биде „значаен” и „социјално-политички ангажиран”, Rib суверено владејат со post punk/new wave просторот, чисто на сонична база. Токму отсуството на лузерската потреба да се биде релевантен/независен колку да се допадне на потенцијалната алтернативна публика е нивното најсилно орудие. Својот кул го градат на чисто звучен градежен материјал, кој од албум во албум е се поубедлив. Оваа здрава амбиција е редовно поткрепена со винилни изданија, нивно модерно копаничарство кое остава неизбришлив траг на сериозност“, напиша Мирко Попов во една од неговите рецензии.

Оваа година неуморното трио го издаде третиот студиски албум, насловен едноставно „RIB“. Сниман од страна на Ален Хаџи-Стефанов, миксот, продукцијата и мастерингот е дело на Ben “Faz” Farestvedt од Англија.

Деветтото издание на фестивалот на нова музика – ЗДРАВО МЛАДИ е закажано за 31 август, во паркот на МКЦ. Билетите се достапни само на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk