Енди Серкис ќе ја чита „Хобит“ онлајн без прекин за хуманитарни цели

Актерот Енди Серкис, кој стои зад гласот и движењата на суштеството Голум од филмската трилогија „Господар на прстените“ најави дека ќе ја чита одеднаш целата книга „Хобит“ за да помогне со донации за бритнаскиот здравствен систем.

Читањето од почеток до крај на култната книга на Џ.Р.Р. Толкин од 1937 година, би траело околу 12 часа, а Серкис најавува дека ќе биде емитувано во живо на страницата на неговата краудфандинг кампања со која планира да собере барем 100 илјади фунти.

„Многу од нас имаат потешкотии во изолацијата поради здравствените мерки. Иако времињата се тешки, сакам да ве однесам на една од најголемите фантастични авантури кои некогаш биле напишани, 12-часоен маратон низ Средната земја, додека собираме средства за две неверојатни хуманитарни организации кои вложуваат неверојатен напор во помош на оние на кои им е потребна“, вели Серкис.

Читањето ќе започне во петок од 10 часот по британско време, а линкот ќе биде објавен на страницата на „GoFundMe“. Досега со акцијата се собрани преку 25 илјади фунти.