„Емигрирани во слобода”, изложба на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g

Оваа сабота, на скверот Јас и ти (спроти Општина Центар), во скопско Дебар Маало, од 12 часот ќе биде отворена изложбата на дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g.

Целта на проектот е да се подигне свест за важноста на недискриминацијата, еднаквоста и слободата.

„Последниве години сведочат како луѓето, кои имаат сопствен став и се разликуваат од околината се осудени на отфрлање – и затоа емигрираат. Изложбата ги критикува едноумието и дискриминацијата кои го запоседнуват нашето секојдневие. „Емигрирани во слобода” се птици, цртани со акрил на картонски отпадоци пронајдени на улиците низ Скопје. Секоја од нив го третира чувството на отфрленост на луѓето во својата средина и отфрлањето на истата со цел подобра иднина. Репресијата е пресликана во една поинаква варијанта, коментирајќи го и нашиот елементарен недостаток на грижа за животната средина – преку птици кои се симбол на слободата, човековите права, родовата еднаквост и надежта“, се вели во соопштението за настанот. 

На самата изложба ќе биде поставена кутија за донации и посетителите ќе можат да донираат, а како благодарност да добијат дел од новата колекција на Celebrate Life / Емигрирани во Слобода маици, беџови, налепници . Дел од собраните средства ќе бидат донирани за одредени иницијативи за помош на бездомните животни. За музиката, пак, ќе се погрижат локални диџеи.

Изложбата е дел од програмата Културни приказни на Делегацијата на Европската Унија. По отварањето на 4 јуни, изложбата ќе биде поставена од 6 до 17  јуни во просториите на ЕУ инфо центарот во Скопје.