Ема, студентка со оштетен вид: Мајка ми на диктафон ми ги чита белешките за учење

20-годишната скопјанка Ема Ананиевска е лице со оштетен вид. Таа го изгубила видот уште како бебе во инкубатор и нејзиниот пат до тоа што е денес не бил лесен. Ема е студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Таа вели дека кога била дете им завидувала на останатите врсници кои користат компјутери и мислела дека таа никогаш нема да може да ја користи оваа технологија се додека здружението „Отворете ги прозорците“ не и го овозможило тоа кога таа била средношколка.

Ема била редовен ученик во основното и средното училиште, а денес е посветен студент. Сепак, вели дека иако никогаш немала проблем во вклопувањето во класот, образовниот процес секогаш и претставувал проблем.

„Имам тешкотии со учењето бидејќи немам услови. Нема посебна литература и аудио книги. Морам да се снаоѓам со копирање белешки од другарите, па да ми чита мајка ми на диктафон за на крај да ги учам“, раскажува Ема.

Во образованието на Ема најмногу ѝ помогнала асистивната технологија. Откако почнала да го користи компјутерот со посебната говорна програма за лица со оштетен вид, таа имала пристап до многу информации кои и служеле за учење, правење проекти и комуницирање на социјалните мрежи со пријателите. Оваа пијанистка вели дека повеќе не се чувствува стигматизирано како претходно. Таа се гледа себеси како пијанист и композитор на филмска музика и, уште поважно, еднаква на нејзините пријатели.

Сепак, Ема смета дека луѓето не се доволно информирани за асистивната технологија и нејзиното значење и дека затоа не е толку застапена во Македонија. Според неа, и професорите треба да бидат обучени за оваа технологија за да им овозможат на децата со посебни потреби полесно да се вклучат во општеството.

„Образованието треба да биде еднакво за сите, треба да има услови за лицата со посебни потреби. Прво, некои основни работи, како на пример, ако е лице со количка треба да има начин како да се качува по скали во училиштата. Јас не можам да се движам сама по улиците бидејќи нема никакви патокази или ознаки. а во образованието, лично за мене треба да има литература на Брајово писмо или аудио книги за да можам да учам како и останатите. Мислам дека сме далеку од светското образование за лицата со посебни потреби.“, вели Ема.

Асистивната технологија ѝ овозможила на Ема да биде борец во животот и да стане одлична пијанистка. Наместо да се изолира од светот околу себе, денес неа ја краси големата дружељубивост. Во Ема останува големата надеж дека асистивната технологија ќе се воведе во сите училишта и ќе се подобри образованието за учениците со посебни потреби.

Маја Каралиева, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста