„Ема“ – Македонски тинејџери снимија филм за животот на своите врсници

На 3 ноември во ,,Синеплекс” ќе биде премиерата на македонскиот филм ,,Ема“,  кој го прикажува начинот на којшто живеат тинејџерите во Македонија, со сите пороци во 21 век. Режисерот Мартин Чичовски, продуцентката и актерка Оливера Каменаровска и Кони Маркова, шминкерка и костимографка во филмот, за Радио МОФ раскажуваат како изгледа кога тинејџери снимаат филм за животот на своите врсници.

„Целата поента на филмот е да поттикне разговор. Сигурен сум дека поголемиот дел од тинејџерите ќе се пронајдат во некој лик од филмот. Сакам да им докажам дека не се сами и дека има и некој друг како нив. Моите очекувања за ,,Ема” се многу големи, очекувам филмот да отвори многу разговори на теми кои претходно не биле многу сериозно сфатени и сигурен сум дека филмот нема да ја разочара публиката“, вели Мартин Чичовски, режисерот на филмот.

Филмот е сниман три месеци, на различни места во Скопје: Градски парк, општина Кисела Вода и населба Пржино.

„Целиот процес на снимање на филмот беше многу напорен, иако не работев сам. Сите ние што работевме на овој филмски проект, вложивме многу труд. Снимавме по цели денови, не бевме ни малку мрзливи, а може да се каже дека и воопшто немавме паузи. На крајот, се гледа дека сето тоа не го правевме за џабе“, раскажува Мартин.

За да го направи филмот, бил инспириран од многу работи. Започнал со неговата пријателка Лина Бојаџиева која му помогнала во процесот на пишување на сценариото.

„Многу ни беше битно сè што е прикажано во филмот да биде реално. Ликовите беа градени по пример на луѓето од вистинскиот живот за пораката да биде подобро прифатена. Мислам дека не само тинејџери, дури и возрасните ќе се пронајдат во филмот.” – вели младиот режисер.

За Оливера Каменаровска, продуцентка и актерка во „Ема“, ваквите филмови се клучни за будење кај луѓето бидејќи даваат реални слики за постапките и последиците.

„Инспирацијата за „Ема“ лежи во самото општество и во она кое што го гледаме и со кое се соочуваме секојдневно. Проблемите кои ги затекнуваат тинејџерите во една можеби не многу развиена околина, внатрешните битки на младите луѓе и потребата за мотивација да се продолжи понатаму. Со „Ема” , сакаме да ги увериме младите, но и постарите дека без разлика на се, она што ни се случува нам е резултат на нашите постапки и убедувања. Сакаме да покажеме дека не треба да ги отфрламе различностите и да разбереме дека најблиските се оние за кои треба најмногу да се грижиме и да им веруваме. Исто така, најважно е да се покаже дека ако си зацртаме цел и цврсто се држиме за неа, без разлика на надворешните фактори, порано или подоцна, ќе успееме, ќе го добиеме она што го сакаме“, вели Оливера.

Во филмот таа го глуми и ликот на Александра.

„Нејзината најважна битка впрочем е со самата себе. Иако Коста е прикажан како оној кој го носи конфликтот, тој сепак е само канал, кој ја поврзува Александра со светот со кој е навикната дотогаш. Полека почнува да сфаќа дека она што се случува не е во ред, и отфрлањето на Коста од нејзиниот живот е најверојатно и клучниот момент каде таа го менува својот пат“, вели Оливера, откривајќи дел од сценариото на филмот.

За да го создадат, забележува, неопходни биле две работи – добра идеја и голема мотивација.

„Можеби звучи интересно да се снима секојдневно со свои врсници, но и уморот, а и зголемената интолеранција се јавуваат после неколку дена снимање по седум-осум часа (некогаш и повеќе). Истотака потребни се и добри глумци. Бидејќи нашиот проект дефинитивно почна аматерски, не баравме никакво искуство кај оние кои сакаа да глумат, се што сакавме да видиме кај нив беше барем малку талент и желба за многу работа. За наша среќа, пронајдовме навистина добри глумци без кои не би можеле да го замислиме денешниот краен разултат“, се потсетува таа.

Снимањето филм било ново искуство и за Кони Маркова, шминкерка и костимографка. Во ,,Ема”, вели, се труделе ликовите, нивниот изглед и нивниот избор на облека да бидат што пореални, бидејќи, забележува, облеката може да каже многу за ликовите и за правецот во животот што тие го водат.

„Не би можела да зборувам генерално бидејќи сите црпиме самодоверба, поддршка и поткрепа на различни начини,но можам да кажам од лично искуство дека тоа како јас лично ја изразувам мојата креативност преку боите на моето лице или парчињата облека што ги носам е најголемиот извор на самодоверба за мене. Беше многу интересно искуство кога на крај на шминкањето на глумците ќе им го дадев огледалото да ја видат трансформацијата – изразот на нивното лице беше бесценет,особено кога за сцена ни беа потребни некои чудни работи како сини веѓи. Но во скоро секој случај, шминката беше уште еден дополнителен мотиватор и извор на инспирација за глумците навистина да се внесат во своите улоги.” раскажува таа.

Режисерот Мартин се надева дека неговиот филм ќе ги мотивира младите кои сакаат да снимаат, но немаат доволно храброст или не знаат како да започнат. ,,Ема“ е негов втор филм. И првиот самостоен филм со наслов „Без разлика на сè” го снимал со своите пријатели. Вели, немам некое големо искуство од филмската област, но тоа го правам со голема љубов.

„Сакам сите да знаат дека не можат да стигнат далеку ако се плашат или двоумат. Не е битно со што се снима или како се снима, битно е да се започне со снимање. Исто така, мислам дека во денешно време, не само тинејџерите, туку сите се осудуваме меѓу себе. Тоа е најголемата пречка во донесувањето на одлуки. За да ја нема таа пречка, потребно е да си помагаме себеси исто така како што си помага друштвото во ,,Ема”. Мислам дека луѓето по гледањето на овој филм, ќе почнат да размислуваат поразлично.”- вели тој.

Ана Илиева и Стефан Митиќ