Елиуд Кипчоге стана првиот човек кој истрча маратон за помалку два часа

Кениецот Елиуд Кипчоге стана првиот човек во историјата кој истрча маратон за помалку од два часа, успевајќи да стигне на целта дури 20 секунди под оваа магична граница.

34-годишниот атлетичар ја истрча трката од 42,2 километри за 1 час 59 минути и 40 секунди на натпреварот во Виена, Австрија.

Сепак, ова време нема да се смета за официјален светски рекорд во маратон бидејќи натпреварот не бил од отворен карактер и биле користени ротирачки пејсмејкери.

„Ова покажува дека не постојат граници за никого. Сега откако го направив, очекувам повеќе луѓе да го сторат тоа по мене“, рекол Кипчоге кратко по трката.

Кипчоге е и олимписки шампион и го држи официјалниот светски рекорд од 2:01:39, поставен во Берлин во 2018 година.

За да го постигне историскиот резултат тој морал да трча 100 метри под 17:08 секунди 422 пати по ред, со просечна брзина од 21,1 километар на час. На половина од трката бил 10 секунди пред потребното време, по што забавил неколку километри, за на крајот со многу зголемено темпо да ја заврши трката.