По повеќе од две години минати во бројни активности на граѓанската иницијатива Охрид СОС и на еколошките организации, општина Охрид во најновите измени на Генералниот урбанистички план (ГУП) на градот ја исфрли идејата за изградба на елитна населба на местото на Студенчишко блато. Со најновиот предлог на локалните власти, статусот на Урбаниот блок 17.1 се враќа во претходната состојба од ГУП-от за 2006 година, а тоа значи целосно заштитена зона на која не смее ништо да се гради, објави build.mk.
Од Охрид СОС преку социјалните мрежи потврдија дека на вчерашната стручна расправа за ГУП на Охрид 2014-2024 им соопштиле дека Студенчишко блато останува строго заштитена зона.
„Две години континуирана борба конечно се исплатеше! Победата не е само наша, но и на секој од вас кој споделуваше, реагираше, придонесуваше. Победата е и на медиумите кои искрено застанаа зад нас! Конечно, најголемата победа денес ја однесоа Езерото и природата!“, кратко соопштенија на „Охрид СОС“.
Инаку, како што пишува build.mk, ваквиот чекор од општинските власти доаѓа по издаденото негативно мислење за претходните измени во ГУП-от од Министерството за животна средина и просторно планирање. Планот за изградба на луксузна населба во Студенчишкото блато беше најавен уште во 2014 година, за што беше распишан и Конкурс за изработка на архитектонско – урбанистички проект за оваа локација. Идејата на општинските власти беше просторот со површина од 30 хектари да се гради по пат на јавно – приватно партнерство, за што жестоко се спротивставија од иницијатива „Охрид СОС“ и неколку еколошки организации.