Елиминиран коронавирусот во државата Викторија по три месеци изолација

Австралиската држава Викторија, која во августот имаше речиси 8.000 заразени со коронавирусот, но и повеќе од 800 смртни случаи, по тримесечната изолација, бележи четири недели откако нема нови регистрирани случаи на вирусот, пренесува „Данас“.

Здравствените власти соопштија дека 28 дена без нови случаи значи дека вирусот е елиминиран од заедницата, имајќи предвид дека станува збор за два периоди на инкубација од 14 дена.

Таму, во последните 24 часа се тестирани 9.828 луѓе.

Последниот пациент заразен со Ковид-19 беше пуштен од болница во понеделникот, што значи дека нема повеќе активни случаи во тој дел на Австралија.

Австралија досега успеа добро да се справи со пандемијата на коронавирусот, со нешто повеќе од 27.700 потврдени случаи и 907 смртни случаи од појавата на вирусот, од кои 819 беа во Викторија.