Електронската наплата кај приватните автобуси се одложува за 1 септември

Приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ кои учествуваат во јавниот градски превоз наместо да почнат со електронската наплата од 1 мај, таа се одложува за 1 септември. Тоа значи дека граѓаните кои имаат електронски картички и ги користат во автобусите на ЈСП нема да можат да се возат со нив и во приватните. Двете претпријатија официјално побарале од Градот да се одложи рокот, а за тоа навеле низи причини. Градот го уважил нивното барање и за тоа ќе се гласа на закажаната седница на Советот на Скопје.

Превозниците сметаат дека нема да бидат целосно подготвени за имплементација на системот од 1 мај и поради административни, но и од финансиски и организациски причини. Сето ова произлегува од, како што стои во образложението, обемноста на проектот, како и малото искуство во поглед на оваа проблематика. Процесот е сложен и поради тоа што превозниците се правни лица и треба да се постигне договор со сите поодделно, а тоа бара време. Од „Макекспрес“ велат дека периодот по месец мај подразбира и примена на летниот возен ред во кој согласно со досегашното искуство се предвидува помал број остварени километри и редуциран возен ред, како и намален број патници.

[ВИДЕО] КОЈ РАНО РАНИ, СЕДИШТЕ ВО ЈСП (НЕ) СИ ГРАБИ

„Не го одложуваме системот целосно, туку ќе го реализираме фазно. Ако кај нас се инсталираше во два типа автобуси, кај приватните оди потешко, затоа што имаат различни типови возила. Од 1 мај тие ќе бидат вклучени во системот, но граѓаните нема да се возат со картичките, туку само ќе ги следиме приватните автобуси дали се придржуваат на возниот ред. Најпрвин тие покрај техничките треба да завршат и некои административни работи, како што е и потпишувањето договор со нас со кој ќе се регистрираат нивните возила како продажни места, а од 1 септември граѓаните ќе можат и во нив да се возат со електронските билети“, вели Игор Јанушев, директор на ЈСП и појасни дека дотогаш ќе важат и хартиените билети со кои граѓаните се возат само во автобусите на ЈСП.

Интеграцијата на приватните превозници ќе се одвива во неколку фази. Во првата ќе се инсталира целокупната опрема во автобусите на приватните превозници до 1 мај, потоа ќе се пушти во употреба потсистемот за автоматска локација на автобусите и третата фаза предвидува пуштање во употреба на потсистемот за електронска наплата на билети што треба да почне најрано од 1 септември 2016 година.