Електрични оргазам и Бернајс Пропаганда утре настапуваат на Широк сокак во Битола

Познатиот белградски рок бенд „Електрични оргазам” и хероите на македонската независна музичка сцена Бернајс Пропаганда се главни звезди на фестивалот „Битола Отворен град 2016”, во организација на Младински културен центар Битола.

Двата рок бенда утревечер (25 јуни) ќа настапат на големата сцена под отворено небо на Широк Сокак, a големиот музички хепенинг ќе биде отворен и бесплатен за сите посетители.

Легендарната рок атракција„Електрични оргазам” за првпат настапува во Битола. Имаат 36 години долга дискографија, а пред публиката во Битола ќе се претстават со колекција на најголемите хитови меѓу кои и добро познатите „Златни папагај“, „Како бубањ каже“, „Дебела девојка“, „Бејбе ти ниси ту“, песни кои се одлично познати на регионалната музичка сцена.

„Бернајс Пропаганда” со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, важат за еден од водечките алтернативни бендови од регионот. Во Битола ќе биде претставен нивниот нов албум „Политика“ објавен во соработка со независната словенечка етикета „Мунли рекордс“. Импозантни се впечатоците и од нивната последна европска турнеја во чии рамки за 30 дена „Бернајс Пропаганда” одржа 27 концерти.