„Електра“ е најдобрата претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава

Претставата „Електра“ во режија на Андри Жолдак во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје е најдобра претстава во целина на 50-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што денеска завршува во Прилеп, пренесува Нова Македонија.

Ова денеска напладне во Прилепскиот театар го соопшти фестивалското жири, во состав: Ѓорѓи Јолевски (претседател) и членовите Тони Михајловски и Илбер Муртези. „Електра“ доби уште четири награди: за најдобра режија – за Андри Жолдак; за најдобра женска главна улога – за Дарја Ризова за улогата на „Електра“; награда за женска епизодна улога – за Ѕвездана Ангеловска за улогата на Клитемнестра и награда за млад актер „Трајко Чоревски“ – за Александар Ѓорѓиоски за улогата на Орест во оваа претстава.

Според претседателот на жирито Ѓорѓи Јолевски, одлуката за најдобрата претстава била едногласна.
– Се работи за исклучително сложена, возбудлива, естетски целосно издржана претстава која во сите елементи носи новитети во просторот во кој е направена. Пристапот е специфичен во осовременувањето на античката драма. Текстот е ставен во позадина, а режисерот влегува во коментирање на принципите во кои живееме. Со претставата, режисерот го оправдува текстот кој зборува за војните, убиствата, желбата за превласт, за моќта на парите и на владеењето и сето тоа го прави на модерен начин со користење висока технологија и актерите ги доведува до натуралност- изјави Јолевски.

На ансамблот на Прилепскиот театар жирито му додели специјална награда за колективна игра и осовременување на класиката за претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на Нела Витошевиќ.

Годинава, најдобра машка улога оствари Адем Карага во претставата „Предавање“ на Албанскиот театар-Скопје. Наградите на најдобрите ќе им бидат врачени вечерва на сцената на Домот на културата „Марко Цепенков“, каде Драмски театар од Скопје ќе ја изведе претставата „Солунски патрдии“ во чест на наградените, со што ќе заврши јубилејното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.