„Еквалис“: Три месеци чекаме дозвола од МОН и БРО за да организираме активности во средни училишта

Здружението за едукативен развој „Еквалис“ од Скопје реагира на процесот на одобрување на нивната програма за мировно образование од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Незадоволни, реагираат што веќе три месеци чекаат дозвола за да организираат едукативни активности во неколку средни училишта.

Во нивната јавна реакција, образложуваат дека со нивниот проект сакаат да им дадат шанса на претходно обучени средношколци да ги едуцираат своите врсници за теми поврзани со врсничко насилство, родова еднаквост, ЛГБТИ, дискриминација… Па, решиле да побараат дозвола од МОН за влез во 4 средни училишта со 4 младински програми. Но, како што велат, процесот заглавил во бирократии.

„Нашето испратено барање со елаборат на програмaта за мировно образование е во процедура веќе трети месец. Во целиот процес бевме во редовна комуникација со Бирото за развој на образованието коешто како инстутција треба да даде мислење за нашата програма. Нашата организација се’ уште нема добиено официјален став којшто треба да дојде до нас преку Министерството за образование и наука за дали ни е дозволен влез во училиштата иако ни беа дадени јасни индиции дека веројатно „Еквалис“ ќе добие негативно мислење за влез во училиштата“, стои во нивната реакција.

Оттаму велат дека во неколку наврати ја понудиле опцијата БРО да биде вклучено како соработник, кој ќе ги мониторира нивните активности во училиштата преку своите советници.

„ Тендицијата да бидеме споредувани со големи организации коишто постојат над 10 години и коишто работат со големи буџети создаде таква ситуација да „Еквалис“ не може да ги прифати и финансиски износи предлозите коишто Бирото за развој на образованието ги даде за професионално да обучиме неколку професори во рамки на овој проект и со тоа да се стави под знак прашалник давањето на позитивно мислење за наш влез во училиштата“, реагираат од здружението.

Тие се разочарани што младинската програма во којашто се обработува и ЛГБТИ тематика е пречекана со загриженост од институциите дека би можела да „пропагира“ одредени ставови.

„Повторно тука е многу проблематичен односот кон тоа дека различните сексуални ориентации се земаат во предвид како нешто за коешто не треба да се зборува или па уште полошо како нешто кое што се „пропагира“. На прашањето како оваа тема соодвестува со мировното образование, сметаме дека и тоа како е релевантна да се зборува. Во контактот со учениците, ние дознаваме дека ЛГБТИ учениците се токму најмногу подложни на насилство, во многу случаи и физичко насилство каде што ученици биле физички напаѓани поради својата сексуална ориентација. Ако ова не е прашање со коешто треба да се занимава мировното образование, тогаш што понатмау?, прашуваат од „Еквалис“.

Во нивната реакција, тие споменуваат дека под знак прашалник биле ставени и нивните способности за водење на програмата, иако како што велат уредно ги доставиле своите професионални биографии. Според нив.

„Сепак, во комуникацијата со Бирото и со Министерството добивме впечаток дека доколку една организација има воспоставено инстутицонална соработка со овие инстутции се чини  дека нема место за нови организации коишто би сакале да влезат и работат во училиштата. Иако формално желбата за нови соработки постои. Ова создава еден вид на организациски монопол што е многу загрижувачки. Бирото и министерстовото треба да создадат клима за сите актери да соработуваат во полза на развој на мировното образование и заеднички да изнајдеме идејно решение за како сите заинтересирнани организации, институции, па дури и активисти да се вклучат во овој важен едукативен модел“, се пожалија од Здружението.

Оттаму нагласуваат дека и во случај МОН да не им дозволи влез во средните училишта во Скопје, тие ќе продолжат со нивните активности за покревање на темите за кои како што велат„младите ги живеат и чувствуваат на дневно ниво“.