„Еквалис“ ги дава своите простории на бесплатно користење за младински иницијативи и организации

„Еквалис“ Асоцијацијата за образовен развој ги понуди своите простории на бесплатно користење од страна на помалите организации, активистички и неформални групи кои немаат свој простор.  Организацијата која неодамна го доби својот прв простор, на овој начин реши да им помогне на младите кои имаат идеја и акаат да променат нешто во општеството.

„Најпрво појдовме од сопствената ситуација за тоа што значеше да си млада организација или здружение без сопствен простор. Во првите години од нашето постоење имавме толку многу идеи што некогаш беа нужно врзани за физички простор. Неодамна го отворивме нашиот прв сопствен простор и ова беше една од првите работи што сакаме да им ја понудиме на организациите во развој е дека може бесплатно да ги користат нашите простории. Нашите простории не се само отворени кон здруженија, туку и кон неформални групи, граѓански движења или младински клубови“, велат од „Еквалис“.

Оттаму забележуваат дека не е лесно една младинска организација да добие свој простор. Додаваат дека уште потрешко до простор пак доаѓаат граѓански движења или неформални групи поради нивниот статус на нерегистрирана група граѓани. Затоа и ги повикуваат сите млади на кои им треба место да пристапат кон „Еквалис“ со нивното барање за користење на просторите.

„Многу кратко во мејл кон info@ekvalis.org.mk објаснете со што се занимава вашато здружение/движење и за која цел го барате користрњето на нашиот простор. Наведете ги и датумите и времето за којшто го барате просторот притоа имајќи во предвид да го испратите вашето барање една до две недели пред самото одржување на настанот за да не се преклопи со нашите регуларни активности. Еквалис располога со поголема просторија со капицетет до 30 луѓе, двор (погоден за летни активности) и опрема за проектирање коишто ви се достапни бесплатно“, додаваат од „Еквалис“.

„Еквалис“ се лоцирани во центарот на Скопје, спроти хотелот Холидеј Ин и се младинска невладина организација којашто се занимава со едукативен развој, со фокус на теми кои често се истиснати во формалното образование како медиумската писменост, мировното образование, родовата еднаквост, но и подигнување на јавната свест за врсничко насилство. Во наредниот период, велат, посебно внимание ќе посветат на развивање на младинскиот активизам.