Екстензија на Хром открива како Фејсбук препознава луѓе на фотографии

Фејсбук брзо и лесно препознава лица на фотографиите кои се објавуваат на социјалната мрежа. Бидејќи препознавањето на лица е на некој начин загрозување на приватноста на корисниците, за оние кои се загрижени за тоа како препознавањето на Фејсбук функционира, отсега има екстензија за Хром и Мозила Фаерфокс, која го открива методот.

Наречена е Show Facebook Computer Vision Tags, а прикажува листа на етикети кои Фејсбук ги доделува на фотографиите кои ги објавуваат корисниците. Технолошкиот гигант започна да препознава компоненти на сликите во април 2016.

Екстензијата е и добра за тоа да се види како Фејсбук определува што има на фотографиите, како „небо“, „отворен простор“ и „природа“.

Секако, понекогаш не препознава се детално. На пример, на сликата подолу има повеќе луѓе, но екстензијата препознава само петмина.

Адам Гејтги, креаторот на екстензијата, смета дека „многу корисници на интернет не сфаќаат колкава количина на информации рутински се извлекува од фотографиите“, преку производи како Фејсбук и Гугл Фотос.

Со овие информации технолошките компании можат да дознаат дека корисникот сака да биде надвор, дека има куче, или дека сака да гледа бејзбол, на пример. Ваквите информации понатаму се продаваат на компании кои се рекламираат на интернет, за да дознаат каде да ги пласираат своите производи.

Но, една позитивна страна на користењето на ваква технологија, пренесува Mashable, е што може гласовно да им опише на слепите корисници на социјалните мрежи што има на фотографиите.