Тешка ноќ за жителите на Киев

Неколку украински градови, вклучително и Киев, доживеаја тешка ноќ со борби, принудувајќи илјадници цивили да се засолнат во подрумите и градското метро, пишува Евроњуз на својот блог во живо.

Во текот на ноќта околу главниот град на Украина се слушаа експлозии и пукотници, а известувањата велат дека имало стотици жртви во борбите.

Гранатирањето погоди најмалку една станбена зграда во Киев, но и мостови и училишта.

Извештаите од новинските агенции, повикувајќи се на украински воени извори, велат дека проектили „Калибр“ биле истрелани кон Украина од руски бродови во Црното Море.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја одби понудата на САД да му помогне да го напушти градот поради зголемените знаци дека Русија сака да ја собори неговата влада.

„Борбата е тука“, рече тој.

Во меѓувреме, САД им се придружија на другите западни сојузници во воведувањето санкции директно на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Претходно, Зеленски изјави дека сојузниците испраќаат оружје за да помогнат на неговата земја. Пишувајќи на Твитер, тој рече дека имал телефонски разговор утрово со францускиот претседател Емануел Макрон и дека „оружје и опрема од нашите партнери се на пат за Украина“.

Не е јасно дали тоа оружје и опрема доаѓа од Франција или од други сојузници.

„Антивоената коалиција работи!“, рече Зеленски.

Во меѓувреме, компанијата Мета им забрани рекламирање на руските државни медиуми на своите платформи како Фејсбук, Инстаграм и Ватсап.

Според Натаниел Глејхер, шеф за безбедност во матичната компанија Мета, руските државни медиуми нема да можат да објавуваат огласи или да заработуваат приходи од реклами од содржина „никаде во светот“.