Експертска група на УНЕСКО од денеска доаѓаат да извршат контрола на Охрид, односно да направат увид на одредени проекти кои се во тек на реализација, или се планирани во наредниот период.
Се претпоставува дека групата повторно ќе врши увид на Плаошник, а најверојатно и на хотелот во Лагадин, на проектот Експресен пат до Свети Наум, како и на планираниот скијачкиот центар на Галичица.
Претходно, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.
Еколошките здруженија изминативе години покренаа неколку петиции против т.н. „развојни проекти“ на најголемото национално езеро, а голем дел од јавноста и експертите им дадоа поддршка во барањата власта да се повлече од намерата за реализација на проекти од типот на експресниот пат Охрид – Пештани и скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко Блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа.